1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Владата застана зад МАТ

Македонскиот редовен авиопревозник МАТ се враќа на дестинациите во Германија и Италија веднаш по новогодишно-божикните празници. Ќе бидат активирани линиите кон Диселдорф, Берлин, Рим и Милано.

default

Авионите на МАТ повторно ќе се најдат на аеродромот во Диселдорф

Несогласувањата со европските воздухопловни власти поради долгот на МАТ се во фаза на решавање, а голема улога одигра државата, објаснува првиот човек на компанијата Златко Петровски. Владата застана зад МАТ како редовен авиопревозник и таа ја поддржи и ќе и’ помогне на авиокомпанијата да ги надмине проблемите во кои западна, вели претседателот на бордот на директори Златко Петровски.

Партнерство со државата

Деновиве владата ќе постави свој човек во бордот на директори на МАТ. Ова не значи поддржување на авокомпанијата, која е во приватна сопственост, тврди еден од мнозинските акционери, но признава дека државата го става под своја капа МАТ. Целта е владата е да има поголема контрола врз дејноста како што е меѓународниот транспорт на патници. Упатените во македонскиот авиобизнис тврдат дека ова е првиот чекор кон создавање на јавно приватно партнерство меѓу МАТ и државата. Тоа е пракса што функционира во светот. Голем број на познати авиокомпании се во мешовита приватно-државна сопственост. Во МАТ во овој момент не се подготвени да прецизираат како ќе се одвиваат работите во наредниот период.

Бројни проблеми

МАТ во изминатите години откако беше номиниран за редовен авиопревозник се соочуваше со бројни проблеми и несогласувања со државата главно околу поделбата на линиите со странските авиокомпании кои летаат од и до Македонија, како и поради старите долгови на МАТ кон јавните претпријатија од авиосекторот. Дополнителен проблем во наредниот период ќе бидат последиците врз авиобизнисот од глобалната криза што нема да го одмине и МАТ, иако станува збор за мала авиокомпанија. Македонија е се’ уште без директни авиоврски со многу европски метрополи, на пример, Брисел, Лондон, Мадрид, Париз, што во голема мера го забавува и отежнува патувањето кон овие дестинации.