1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Владата го вклучи алармот во образованието

Македонската влада започна кампања за подобрување на образовниот систем и опфатот на населението.Експертите предупредуваат дека треба да се запре и одливот на школуваните луѓе во странство

default

Знаењето е предуслов за добра економија

„Знаењето е сила, моќ и богатство“ – под ова мото македонската влада со својата најнова кампања во следните 3 – 4 месеци ќе влијае врз свеста на граѓаните, особено младите, да инвестираат повеќе во своето образование. Поразувачките податоци, според кои 53 отсто од населението има само основно, или незавршено основно, а 6,5 отсто високо, или повеќе од високо образование, ја алармираа Владата да преземе дополнителни мерки за вложувања во образовниот систем. Министерот за информатичко образование Иво Ивановски посочува на глобалната визија на кабинетот на Никола Груевски: „ Владата ќе инвестира во граѓаните на Република Македонија, бидејќи сакаме да градиме економија врз основа на знаења. Со инвестирање во младината од најрани нозе ние ќе имаме, дефинитивно, огромна маса на школувани млади луѓе, кои ќе ја претставуваат Македонија, ќе бидат носители на економија врз основа на знаења“.

Двесте илјади луѓе без основно образование

Драги Змијанац од невладината организација „Прва детска амбасада“ – „Меѓаши“ од Скопје укажува на рееалната слика во Република Македонија: 200 илјади луѓе, кои немаат завршено основно образование, 18 илјади деца кои не одат во училиште.

Според согледувањата на Агенцијата за деца УНИЦЕФ на Обединетите Нации за Македонија: 37 отсто од сите деца на средношколска возраст не одат во средно училиште; една третина од сите деца на возраст од 15 – 19 години не се вклучени во образовниот систем, а квалитетот на образованието, општо, е влошен.

Хонг Веи Гао, претставничката на УНИЦЕФ во Македонија дополнува дека 89 проценти од сите деца на возраст од 36 – 59 месеци не посетуваат предучилишно образование.

Albanische Kinder nahe der Stadt Skopje, Mazedonien

Во Тетовско се помал број ученици

Во општина Тетово се случуваат и мигрирања на децата со своите родители преку границата, што, придружено со други фактори, придонесува само во оваа најголема општина во регионот во последните две години да се запишат 970 ученици помалку во основните училишта. Ариф Цека, директор на основното училиште „Братство – Миѓени“ од Тетово, вели:

„ Ние сме имале по пет паралелки со осмоодделенци, сега имаме по четири. Значи, автоматски, една паралелка се губи. Во албанската настава 34, дури и до 40 ученици имало во еден клас, а сега еден клас брои по 25 ученици. Значи, се намалува. Родителите, кои работат на Запад, голем број од нив ги земаат и децата со себе“.

Да се сопре одливот на школувани луѓе во странство

Според Назми Малиќи, професор на Штуловиот универзитет во Тетово и претседател на Форумот на албанската интелигенција во земјата, владината кампања треба да содржи и дополнителни мерки за спречување на одливот на младите школувани умови надвор од Македонија: - „ До 70 отсто се од школуваните луѓе, кои нивната перспектива би ја гледале некаде во западните земји. Ако се школуваат и никој од тие кадри не ја гледа перспективата во неговата земја, тогаш не знам колку ќе значат таквите проекти“. Професор Малиќи со уште една забелешка за владината кампања во врска со образованието: - „ Да се појасни целта на проектот: дали ќе се унапреди квалитетот на наставата, каква ќе биде кадровската политика, како ќе се подготвуваат кадрите во образовниот процес“.

Драги Змијанац од „Детската амбасада Меѓаши нагласува:

„ Ние се потрудивме да добиеме потписи од извршната и законодавната власт. Се обврзаа: Бранко Црвенковски, Никола Груевски, Перо Стојановски, државен советник, група парламентарци, дека во својот мандат ќе се заложат да ги вклучат децата во образованието. Потписите за гаранција од нивна страна се ставени на нашиот сајт и ние ќе ги потсетуваме постојано за овие обврски“.

Во програмата на Владата беше зацртано во четиригодишниот мандат процентот на инвестирање во образованието од бруто – домашниот производ да се зголеми од 3,4 отсто, но веќе во 2008 година тој ќе се зголеми на 5, 9 отсто.

Поврзана содржина