1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Владата во Атина на стаклени нозе

Речиси една година по изборите на грчката влада и' се заканува распад. И на третата кризна седница коалиционите партнери не можеа да се договорат околу иднината на затворената грчка телевизија ЕРТ.

„Не најдовме заедничка основа“, изјави шефот на Демократската левица, Фотис Кувелис (на насловната фотографија). Со тоа тој навести дека е можно неговата партија да ја напушти коалицијата со Нова демократија и Пасок.

Конзервативниот премиер Андонис Самарас ја предизвика владината криза откако без договор со коалиционите партнери нареди затворање на државната телевизија. ЕРТ располага со пет телевизиски и 24 радио програми. Речиси 2.700 лица ја загубија својата работа.

Како компромис, Самарас на своите коалициони партнери им предложи, 2.000 соработници на ЕРТ да добијат времено вработување, додека не биде формирана новата медиумска куќа. Демократската левица меѓутоа опстојува на тоа државниот медиум да продолжи да работи и да биде реструктуриан во целосен обем на емитување на програма.

Ако треба и без Левицата

Премиерот по кризниот самит изјави дека би сакал владата во наредните три години заеднички да продолжи да работи. Тој упати молба до Демократската левица и натаму да го поддржува неговиот владин сојуз. Сепак, тој е одлучен да продолжи, без оглед на тоа каква одлука ќе донесе Левицата.

„Ситуацијата е драматична“, рече социјалистот Евангелос Венизелос. Тој сака да продолжи соработката со Самарас. „Народот не сака нови избори“, рече Венизелос. Тој го критикуваше ставот на Демократската левица.

Нова демократија на Самарас и социјалистичкиот Пасок заеднички имаат 153 мандати, и со тоа тесно мнозинство во речиси 300 члениот парламент. Тие би можеле самите да продолжат да ја водат владата.

Опомена од кредиторите

Меѓународниот монетарен фонд јасно стави до знаење дека затворањето на телевизијата не е поради ММФ. „Неодамна донесената одлука во однос на државниот медиум е одлука на владата“, појасни портпаролот на ММФ Гери Рајс. Заедно со ЕУ и Европската централна банка Фондот ја подржува високозадолжената Грција.

Европајците апелираа до грчката влада да продолжат реформите и да се зачува политичката стабилност. Шефот на Еврогрупата Жерон Дијселблум смета дека политичката состојба во оваа јужноевропска земја е „тешка“.