1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

„Вкусот на Македонија“ во Берлин

На саемот за зеленчук и овошје „Фрут Логистика“ во Берлин, Македонија ја претставуваат десеттина фирми и надлежното Министерство за земјоделство под мотото „Вкусот на Македонија“!

До лани, нередовно на берлинскиот саем „Фрут Логистика“ со домати, пиперки, дињи  (честопати купени на некој од берлинските пазари) неубедливо се претставуваа македонските производители на зеленчук и овошје. По десетици години „не има – не нема“, лекцијата како да е научена. На годинашнава „Фрут Логистика“  десеттина производители и Министерството за земјоделство се претставуваат на отворен, голем и модерен штанд под мототот „Вкусот на Македонија“.  А, вкусот овојпат го претставуваат  големите импресивни постери на зеленчук и овошје, шареноликиот информативен материјал и бројните маси кои се вистинско место за деловни разговори и склучување зделки.  
„Агролозар“ од Струмица е една од фирмите кои почесто биле дел од  „Фрут Логистика“.
„Тука сме не само да се презентираме, туку и да видиме што ново се случува во светот, до каде сме со конкуренцијата, кои се новитетите  во понудата, во паковањата и сл. И во таа насока и да размислуваме за нови производи кои би биле добра понуда за германскиот и европскиот пазар“, вели за ДВ Делчо Балтовски, претставник на „Агролозар“ од Струмица и сопственик и на винаријата „Далвина“ од Босилово. Од друга страна, како дополнува,  тука се присутни и потенцијални купувачи од Русија, Чешка, Белорусија кои се заинтересирани за македонските производи зашто регионот е до нив поблозок и може да се формираат и добри цени.

Соработка со ЕДЕКА

„Резултат од поранешното присуство на берлинскиот саем е и стартот на

Mazedonien Fruit Logistica 2013 Berlin Delco Baltovski

Македонски лубеници во ЕДЕКА. Делчо Балтовски (Агролозар - Струмица)

соработката со синџирот супермаркети „ЕДЕКА“, која изминатава 2012 година беше прилично успешна. „Агролозар“ во Германија преку ЕДЕКА пласираше лубеница без семки „памполино“, но и „тајгер бејби“ (мини лубеница со семки до 3,5 килограми), трпезно грозје „Викторија“ и праски и нектарини“, кажува Балтовски дополнувајќи дека истите производи во Германија ги пласираат и Шпанија и Грција, но Македонија  успеала да влезе со добриот квалитет, добрата цена и количини во периодот од средината на јули до крајот на август.
Дали овие производи не се шанса да се соработува и со други  супермаркети?
„Практикуваме во една земја да имаме еден купувач. Ова е вака зашто „памполиното“  е заштитено. На меѓународно ниво се следи патот на семето до производителот, и од производителот до крајниот купувач. Ние имаме своевиден монопол на производството на „памполино“, такашто му даваме монополо и на само еден купувач во Германија , со што се одбегнува конкуренцијата за истиот производ“, појаснува Балтовски кој во текот на Саемот ќе се сретне со германските партнериод ЕДЕКА  со кои ќе преговара и за евентуално проширување на асортиманот на соработката.
„Македонија  е многу добро позната и во делот на раната зелка, која е многу конкурентна доколку е добро изработена и спакована. Шанса имаат и праските и нектарините, како и трпезното грозје“, вели Балтовски.Тој, како и неговите колеги се мошне задоволни од заедничкото претставување во Берлин, зашто како подвлекува никој одделно не би можел да ги поднесе финансиските трошоци за презентацијата на саемот.

Претставување и учење!

Своето производство на „Фрут Логистика“  го претставуваат и „Баџо“ од Богданци, „Иви Пром“ од

Mazedonien Fruit Logistica 2013 Berlin Todor Cerepnalkoski

Оранжериите се шанса за 12 месечно производство. Тодор Черепналкоски (Еко-оаза Самандов - Штип)

Валандово,  „Фрута Грозд“ од Сопот, „Агроплод“ од Ресен, „Агрокалем“ од Неготино, но и „Еко оаза Самандов“ од с. Таринци кај Штип, чиј консултант Тодор Черепналкоски кажува  дека  фирмата засега нема соработка со Германија, но затоа се и тука – на Германците да им се претстави  „вкусот на Македонија“.
„Последниве 20-30 години трговијата е целосно престроена. Големите пазари го губат значењето за сметка на малите кои се дел од секој супермаркет.Така, не можете да се појавите на пазарот како фактор ако имате производство од само шест месеци. Мора да понудите количини за цела година.Од овој аспект за Македонија шанса се оранжериите кои би требале да бидат своевидна локомотива и да го гарантираат 12-месечното присуство во големите супермаркети во Германија“, објаснува  Черепналкоски. Главно во оранжериите се одгледуваат домати и краставици и за нив секогаш има купувачи. Но, посебно интересна според цената за германскиот пазар би била на пример големата бабура. Но, пред и да почне да се одгледуват треба  да се знае за кој купувач би било производството, зашто домашниот пазар не би можел да прифати големи количини. Инаку, Черепналкоски дополнува дека „Фрут Логистика“ е интересен и од аспек на новитетите во доменот на производството, семињата,  малата опрема  и сл.
Лани преку швајцарската програма за промоција и извозот (СИППО)  во Берлин единствен претставник на Македонија беше Екстра фунги“ од Кочани. Фирмата и годинава е дел од штандот на СИППО, зашто лани бил склучен тригодишен договор чиј ефект уште веднаш бил почувствуван преку одличната деловна соработка со германската фирма „Никлас“ која исто така се занимава со пласман на печурки (лисичарка и вргањ). Како кажува Сашко Антовски, сопственикот на „Екстра фунги“, соработката ќе продолжи и годинава, а се очекува и нова со други фирми во делот на шумските плодови и култивирани боровинки и капинки, кои и лани биле пласирани на германскиот пазар.