1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Вкоренетата корупција ја турка Словенија во се’ подлабока криза

Словенија е по втор пат во последните 18 месеци без влада. Со недели Словенците на улица го изразуваат незадоволството од мерките за штедење, но пред се’ од бројните корупциски афери на врвните домашни политичари.

Зоран Моле го проколнува денот кога прифатил да учествува во градењето на еден мост, чиј нарачател бил ЦПЛ, позната словенечка градежна компанија, ангажирана од градот Љубљана со ексклузивен договор на 20 години. Сигурна работа, мислел Зоран. А како мал претприемач и онака не може да биде пребирлив.

„Моите луѓе на овој мост работеа триипол месеци, во просек 10 работници дневно. На ЦПЛ и’ поднесов сметка од над 40.000 евра - а добив 2.800! На пуштањето на мостот градоначалникот рече дека е ова единствениот градежен проект кај кого сите подизведувачи се платени. А знаеше оти тоа не е вистина, зашто мојот адвокат веќе го информираше дека нам не ни е платено.“, раскажува Моле.

Моле го доби спорот на суд и ЦПЛ мора да плати. Но, ништо не се случи, бидејќи ЦПЛ во меѓувреме е на работ на бездна. Стечајната постапка е во тек. Дворот на ЦПЛ изгледа запуштено, а возилата веќе немаат регистерски таблички.

Меѓутоа, Зоран претпоставува дека компанијата и натаму трга материјал на страна. Снимил камиони како навечер излегуваат од кругот на фирмата и видео-снимките ги однесол во полиција. Но нив тоа не ги интересирало. „Тоа што крадат очигледно е во ред. Но, противзаконски е ако ги снимаш како крадат. Тоа не смее да се снима! Отидов во полиција и им реков дека изнесуваат сол за посипување улици, но тие таму отидоа дури наредниот ден. И тогаш полицијата призна дека солта е однесена.“, вели Зоран Моле.

Политички земјотрес

Измами на мало, корупција на големо. Ова е новата спортска сала во Љубљана. И тука налогодавач беше градоначалникот кој сака да остави нешто по што ќе го паметат. И овој случај сега го истражува државното обвинителство. И тука речиси сите фирми кои учествувале во изградбата во меѓувреме банкротирале. Потонале во големото мочуриште на корупцијата.

Поради корупциските афери луѓето веќе со недели протестираат. Тие немаат доверба не само во владата, туку и во целата политичка класа. Во нивни очи државата стана самопослуга за политичарите. „Зошто сум овде? Затоа што ми ја украдоа земјата. Сакам да ми ја вратат. Не за мене туку за моите деца.“, вели еден демонстрант. Друг пак дополнува: „Сакаме работите да се променат. Нема веќе никакви вредности и се’ е една голема лага!“

Човекот кој предизвика политички земјотрес е Горан Клеменчич, претседател на Комисијата на спречување на корупција. Тој објави податок дека градоначалникот на Љубљана не може да го објасни потеклото на повеќе од 2 милони евра од неговиот имот. Но, тоа не е се’: и доскорешниот премиер не можел да го објасни потеклото на преку 200.000 евра на приватната сметка.

„Одевме по потешкиот пат и не гледавме некои средно рангирани државни службеници или политичари, туку само почнавме да ја испитуваме сопственоста на најистакнатите политичари во Словенија. Тоа беше шок, шок оти една институција си ја извршила својата работа.“, вели Клеменчич.

Борбата против корупцијата штотуку започна

Vertrauensabstimmung im slowenischen Parlament Janez Jansa

Недоверба за владата на премиерот Јанез Јанша

Премиерот Јанез Јанша со недели грчевито ја држеше својата функција, се’ додека парламентот поради обвинувањата за корупција не му изгласа недоверба. Но, борбата против корупцијата во Словенија штотуку започна. Претседателот на Антикорупциската комисија Клеменчич порачува: „Извештајот на комисијата не треба да се смета како знак дека во Словенија функционира владеењето на правото. Тоа засега е само важен тест за тоа дали во Словенија во иднина навистина ќе владее законот.“

На Зоран Моле му остана само една мала канцеларија. Мораше да отпушти 27 луѓе. Сепак, нема намера да се откаже. „Не ми остана ништо. Можам само пак да почнам од почеток. Со луѓе во кои имам доверба, пријатели. Бидејќи договорите во оваа држава не вредат ни колку хартијата на која се напишани.“, раскажува Моле.

Без разлика кој во иднина ќе биде на власт, борбата против корупцијата ќе биде тест за веродостојноста на секоја словенечка влада.