1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Вишеградската група формира единица за интервенции

Чешка, Унгарија, Полска и Словачка објавија формирање своја воена единица за интервенции, која треба да биде подготвена до средината на 2016. и ќе биде дел од силите на ЕУ. Македонија е дел од оваа група.

Објаснувањето го даде чешкиот министер за одбрана Александр Вондра, по состанокот со своите колеги од т.н. Вишеградска група. „Ова е важен сигнал дека четирите земји од Централна Европа се способни да ја преземат оваа задача, без зад нив да стои некаква европска суперсила“, изјави чешкиот министер за одбрана, Александр Вондра.

Трупите ќе бројат 3.000 војници и ќе бидат под полска команда, кога во средината на 2015-та година треба да одржат заедничка воена вежба. Силите за брза интервенција ќе бидат составени од војници од неколку земји на по шест месеци. Во втората половина на годината командата на групата, чиј дел се и Германија, Чешка, Хрватска, Македонија и Ирска, ќе ја преземе Австрија.

Коминикето за формирање на заедничката воена единица беше потпишано на состанокот во чешкиот град Литомерице. Според министерот Вондра, повеќето земји сакаат поголема комуникација во областа на одбраната и затоа се планира и заедничко купување на воена техника, со можност за заштеда.

Исто така, министрите се согласија да продолжат со заедничките вежби и по завршувањето на мисијата на НАТО во Авганистан, каде земјите на Вишеградската четворка имаат вкупно 3.600 војници. Унгарскиот министер за одбрана Чаба Хенде додаде дека земјите сакаат да се посветат и на заедничката обука на своите војници.

Полскиот министер за одбрана Томаш Сјемоњак ја истакна важноста на средбата на Вишеградската група како можност за усогласување на ставовите пред претстојниот Самит на НАТО во Чикаго. „Нашиот заеднички глас во Чикаго ќе се слушне многу силно“, нагласи Сјемоњак.