1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Витлеем: Празнување на Божик со политички одеци

И покрај атмосферата на празнување на Божик во Витлеем во библиското родно место на Исус Христос, последиците од политичката ситуација на Блискиот исток се чувствуваат во Витлеем на палестинскиот Западен Брег.

Илјадници христијански верници од сите страни на светот се собраа во Витлеем на Западниот брег, носејќи празнична атмосфера во библиското родно место на Исус Христос, при што свое ехо имаше и политичката ситуација на Блискиот исток. Во подготовките за божиќната цермонија во Витлеем учествуваа стотици луѓе, а меѓу гостите беа палестинскиот претседател Махмуд Абас, високата представничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Кетрин Ештон, како и министерот за надворешни работи на Јордан Насер Јудех. „Пораката за Божиќ е порака за мир, љубов и братство. Ние треба меѓусебно да бидеме браќа“, рече латинскиот патријарх во Ерусалим Фуас Твал (насловна фотографија). Твал, кој и самиот е Палестинец, му се обрати на Абас велејќи му дека се моли за „праведно и фер решение“ за Палестинците.

„Мирен рај за сите луѓе“

Тој изрази сочуство за положбата на Палестинците, особено за оние чии членови на семејствата се затворени во Израел и за оние кои страдале поради конфликтот со Израел. „Светот поминува низ долга ноќ на војни, уништувања, страв, омраза, расизам и, во овој момент, студ и снег“, рече Твал.

„Ние сме повикани да бидеме оптимисти и да ја обновиме нашата надеж дека оваа земја, која е дом на три монотеистички религии, еден ден ќе стане мирен рај за сите луѓе“, истакна латинскиот патријарх повикувајќи ги насобраните верници да не паднат во очајување. Палестинскиот министер за туризам Раула Мајах наведе оти палестинската порака е „порака за правда и мир“. „Ние, Палестинците, тежнееме кон мир и заслужуваме да имаме мир и нашите деца заслужуваат да живеат во мир“, наведе Мајах.
Последиците од политичката ситуација на Блискиот исток се почувствуваа и меѓу посетителите, и покрај божиќната атмосфера. За да влезе во Витлеем, придружбата на Твал мораше да ја помине бетонската ограда која Израел ја изгради кон палестинска територија. Израел тврди дека оградата е потребна за да ги спречи напаѓачите да навлезат во близината на Ерусалим, додека Палестинците тврдат оти оградата го гуши градот и дека со неа е одземена палестинска земја. Израел во вторникот изведе неколку авионски и други напади на појасот Газа како одмазда за убиството на израелскиот цивил кој работеше долж границата.