1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Витали Кличко ќе се кандидира за претседател

Украинскиот опозициски лидер Витали Кличко најави своја кандидатура на претседателските избори во земјата кои треба да се одржат на 25. мај. Своја кандидатура веќе најави и екс-премиерката Јулија Тимошенко.

Витали Кличко, еден од лидерите на опозицијата во Украина, ја потврди својата кандидатура за функцијата претседател на државата на изборите што треба да се одржат на 25 мај.

„Целосно сум убеден дека во Украина мора да бидат променети правилата на игра. Мора да владее праведност, знам дека тоа е можно“, изјави Кличко денеска (25.02.2014) во Киев.

Кличко и во минатите месеци повеќепати истакнуваше дека сака да се кандидира за највисоката функција во земјата. Своја кандидатура деновиве најави и поранешната премиерка на Украина, Јулија Тимошенко, која со одлука на Парламентот беше пуштена од затвор по смената на претседателот Виктор Јанукович.

Инаку, поранешната украинска премиерка и една од челниците на опозицијата во земјата Јулија Тимошенко следниот месец ќе замине во Германија на лекување, се наведува во соопштение објавено на нејзината интернет страница.

„Поранешната премиерка Јулија Тимошенко ја прифати понудата од германската канцеларка Ангела Меркел да се лекува во Германија“, се вели во соопштението.

53-годишната Тимошенко ќе замине на лекување откако ќе присуствува на конгрес на Европската народна партија во Даблин, што почнува на 6 март.

Поранешната украинска премиерка треба да биде лекувана во берлинската болница „Шарите“.