1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Вистинско решение во непогоден момент

Кинескиот активист за човекови права Ху Џиа е добитник на наградата „Сахаров“ за слободата на духот. Европскиот парламент го донесе решението наспроти силните закани од Кина. Решението го коментира Матијас фон Хајн.

default

Наградениот поборник за човекови права Ху Џиа

Заканите од кинеското раководство не го заплашија Европскиот парламент. Ху, кој беше меѓу најсериозните кандидати и за Нобеловата награда за мир, со мекиот, но неумолив отпор, е повеќе од заслужен добитник на наградата. Во ноември 2007-ма, додека пред вратата му стоеја стражари, а телефонот му беше прислушуван, тој преку интернет ги изнесе своите гледишта во Европскиот парламент и не штедеше со критики за кршењето на човековите права во Кина, зборуваше за катастрофална ситуација во тој поглед.

Еден месец подоцна, кога странските дописници од Кина беа на Божиќен одмор, Ху Џиа беше уапсен. Во рекордно темпо, веќе во април, му беше организиран исто така рекордно брз, еднодневен судски процес и беше осуден на три ипол години затвор поради „махинации за соборување на режимот“. Тој ѓоа-процес беше основа за кинеското раководство да го прикаже Џиа како криминалец и да го жигоса доделувањето на наградата како мешање во внатрешните работи на Кина.


Наградата објавена додека Меркел е во Пекинг и пред самитот на АСЕМ


Колку што е правилно наградувањето на Ху Џиа, толку е непогоден моментот на објавувањето на решението - токму додека германскиот канцелар Ангела Меркел во Пекинг работи за нормализирање на германско-кинеските односи по спорот поради приемот на тибетскиот водач Далај Лама пред една година, и еден ден пред самитот на АСЕМ (самит Азија - Европа), на кој државници од преку 40 земји разговарат за патишта за решение на стопанската и финансиска криза.

Кина со девизни резерви од илјада и деветстотини милијарди американски долари има моќен лост во раката, но е силно погодена од кризата и покрај својот зачаурен банкарски систем. Кинескиот индекс на акции загуби 65 проценти од вредноста, извозот доживеа голем пад и на југот на земјата, пред затворените фабрики за играчки, веќе демонстрираат отпуштените работници .


Изненадувачки релаксирани реакции од кинеска страна


Но, се чини дека и Пекинг од кризата научи колку многу сите ние зависиме еден од друг. Само така може да се објасни изненадувачки благиот тон на портпаролот на Министерството за надворешни работи, кој по критиките на сметка на Европскиот парламент, изјави дека доделувањето на наградата „Сахаров“ на Ху Џиа нема да го попречи самитот АСЕМ. Можеби кинеското раководство во меѓувреме сфати дека европските парламенти не можат да се споредат со кинескиот Народен конгрес. Тие дејствуват како вистински претставништва на граѓаните, независно од владите. Во секој случај, во Кина е ретка ваква релаксираност кога доаѓа критика од странство.

Можеби е наивно, но би било убаво кога по согледувањето на неопходноста од заедничко постапување во светот на финансиите, би се пробило и согледување дека во глобализираниот свет и човековите права имаат универзално значење и на луѓе како Ху Џиа местото не им е в затвор, туку треба да бидат славени како херои.



►◄