1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

„Вистинско време Македонија да ги почне преговорите со ЕУ“

Ниту една земја во ЕУ нема да има никаква штета, ниту назадување ако почнат преговорите на Македонија со ЕУ, порача претседателот на Австрија, Хајнц Фишер по денешната средба со македонскиот колега Ѓорге Иванов во Виена

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов и неговиот австриски колега по функција Хајнц Фишер се согласни дека конечно е дојдено време Македонија да ги започне преговорите со Европската унија (ЕУ). По средбата во Виена, австрискиот претседател Фишер оценил дека Македонија веќе го достигнала нивото потребно за да започнат преговорите за членство со ЕУ.

„Дојдено е вистинско време Македонија да ги почне преговорите за членство со Европската унија. Ниту една земја во ЕУ нема да има никаква штета, ниту назадување ако почнат преговорите. Австрија е членка и иницијатор на Групата пријатели кои се позитивни по односна одлуката за старт на преговорите. Тоа секако го вклучува и процесот на медијација и дискусија меѓу земјите кои се за почеток на преговорите и на пример Грција и Бугарија“, изјавил Фишер.

Според Иванов пак, никој не губи доколку Македонија ги почне преговорите за членство со Унијата. „Многу земји на Балканот одат напред, само Македонија поради прашањето за името со Грција е во статус кво состојба. Бараме тоа што побрзо да се надмине“, порачал Иванов.

Австрија и натаму останува голем поддржувач на Македонија во секоја сфера, односно евроинтеграциите, економскиот и политичкиот план, согласни двајцата претседатели.