1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

„Вистинско време е за решение на спорот за името“

Македонската влада брзо да се врати на реформите потребни за интеграција во ЕУ, а опозицијата да биде конструктивна во Парламентот, повикаа првиот дипломат на Унијата, Кетрин Ештон и еврокомесарот Штефан Филе.

default

Во заедничка изјава по повод парламентарните избори одржани во Македонија во неделата (05.06) Кетрин Ештон и Штефан Филе ги оценија како конкурентни, транспарентни и добро организирани и упатија честитки на народот, политичките партии и властите за придонесот во целиот процес.

„Особено ја нотираме високата излезност. Ја повикуваме владата целосно да ги имплементира заклучоците и препораките на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР. Задоволни сме што политичките партии ги поддржаа изборите. Како кандидат за членство во Европската унија, земјата сега треба да се справи со предизвиците и можностите што се пред неа. Новата влада мора брзо да се врати на реформите потребни за да продолжи прогресот на земјата кон Европската унија, додека опозицијата треба да придонесе на конструктивен начин во Парламентот за реформскиот процес. Ја нагласуваме важноста владата да преземе чекори за да осигура добрососедски односи“, се вели во заедничката изјава на Ештон и Филе, објавена денеска (07.05).

Кантримен: Сега е вистинско време е да се реши спорот за името

Заменикот помошник-државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Томас Кантримен, на брифингот за најновите случувања на Балканот во Националниот клуб на новинарите во Вашингтон, истакна дека изборите во Македонија беа компетитивни, транспарентни, добро спроведени. Тој сепак, кажа дека ОБСЕ идентификувала одредени проблеми. „Приоритет за идната влада е да се справи со тие прашања, така што наредните избори би можеле да бидат уште подобри“, рече Кантримен. Затворањето на прашањето за името со Грција, реформите за членство во Европската унија и натамошното спроведување на Охридскиот договор, за него се главните задачи што стојат пред идната македонска влада.

„Апсолутно веруваме дека ова е вистинското време, веднаш откако ќе се формира новата влада, да се заокружи дискусијата со Грција за името на Македонија. Сметаме дека тоа е на дофат и може да се стори – по избори е мошне подобро време да се направи вакво нешто, отколку пред избори. Со нетрпение очекуваме тоа да се реши, со цел Македонија да продолжи на патот кон НАТО и ЕУ“, рече високиот дипломат на Стејт департментот.

Автор: ЕМФ/ЖА/макфакс

Редактор: Жана Ацеска