1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вистинското место на Македонија е во ЕУ

14 мај 2009

Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската унија Хавиер Солана ја охрабри Македонија да продолжи по патот на евроинтеграциите.

https://p.dw.com/p/Hpd6
Фотографија: DW / Dragan Todorovski

Хавиер Солана, во Брисел, вчера попладне (13.05.2009), оствари средба со новиот македонски претседател Ѓорге Иванов. Делегацијата, во која учествуваат и премиерот Никола Груевски и вицепремиерите Ивица Боцевски и Абдулаќим Адеми, во седиштето на Европската унија се сретна и со еврокомесарот за проширување Оли Рен.

Македонија е eвропска држава и нејзиното вистинско место е во Европската унија, изјави високиот комесар за заедничка надворешна и безбедносна политика Хавиер Солана по средбата со македонскиот претседател Ѓорге Иванов: „Многу е важно што токму првата посета по назначувањето, македонскиот претседател Иванов ја оствари во ЕУ и НАТО, со што јасно се покажуваат приоритетите на Македонија кои ние добро ги знаеме“, рече Солана и нагласи дека земјата направи големи и силни напори за да се приближи до членство во ЕУ. Унијата ќе и‘ даде целосна поддршка на Македонија“, вели Солана. Европскиот дипломат, исто така, истакна дека визната либерализација за македонките граѓани е веројатна.

24.01.2009 DW-TV Journal Interview Solana
Хавиер СоланаФотографија: DW-TV

Шефот на македонската држава Иванов, од своја страна, ја потврди определбата за интеграција на Македонија во Европската унија и потенцираше дека визната либерализиција и почетокот на преговорите за полноправно членство се високо на агендата на неговите прироритети. Иванов, притоа, подвлече дека на тој пат кон ЕУ во моментов постои блокада од страна на Грција, но изрази и надеж за надминување на проблемот: „Ви ја искажав мојата подготвеност да го продолжиме и продлабочиме процесот што се води во ОН преку посредникот Нимиц, да најдеме решение на тој проблем кој, на некој начин, го блокира овој наш процес на евтоинтегрирање. Значи, компромис кој нема да посегне по нашиот идентитет и по нашиот јазик. Се надеваме дека по изборите во грција ќе имаме веќе партнер со кој ќе можеме сево ова да го завршиме“, рече Иванов и дополни дека по изборите во Грција во опција остануваат сите можни решенија за надминување на проблемот.

Mazedonien Präsident Gorgi Ivanov
Ѓорге ИвановФотографија: Petr Stojanovski

Приоритетите на Македонија

Македонскиот премиер Никола Груевски, во Брисел, од своја страна, ги посочи трите приоритети на македонската влада за земјата да се приближи до Европската унија. „Првиот е со што помалку штета и проблеми да ја поминеме оваа тешка економска година, којашто е резултат на светската економска криза, второто е да добиеме визна либерализација, односно укинување на визите за макеоднските граѓани и третото е - исполнувајќи ги нашите обврски и реформи да ги исполниме бенчмарковите и да дојдеме до позитивен извештај на Европската комисија.“

Груевски и потпретседателот на владата Ивица Боцевски, во Брисел, се сретнаа и со еврокомесарот за проширување Оли Рен. На средбата покрај преговорите за членство во унијата и визната либерализација, голем дел од разговорот бил посветен на решавање на проблемот со името со Грција.


Автор: Марина Максимовиќ / Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска