1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Вистинска приказна за човекот пораснат со волци

Семејството на Маркос се волците. Со нив тој порасна. Тој со копнеж се сеќава кога како седумгодишник се нашол во нивниот чопор во една оддалечена долина во Сиера Морена.

Маркос ја раскажува својата приказна:

„Здогледав неколку волчиња и си играв со нив. Потоа ги следев до нивната пештера и таму заспав. Потоа дојде волчицата. Ме здогледа и јас се склопчив во агол од пештерата. Таа дојде, почна да ме лиже и така станав дел од нивното семејство“, вели Маркос Родригез Пантоха.

Денес Маркос има 66 години. Тој живее во Ранте, мало село во Галиција. Со потешкотии тој научил да зборува. Иако понекогаш е поудобно, сепак тој не се навикнал во потполност на животот во цивилизација.

„Тука се’ е поедноставно. Огнот го палиш со запалка, а не со камења. А, така е и со се’ останато. Но, таму надвор мoжеш да правиш што сакаш. Не носиш никаква облека. Овде секој вели: ’види ги пантолониве како изгледаат. Овие чевли не одговараат со пантолоните. Оваа кошула...’ Луѓето едноставно не те оставаат на мир“.

Маркос, чудакот дојден од страна, не сака сосема да се вклопи во сликата од селото. За луѓето тој на почеток беше дивјак, нецивилизиран и некој кој раскажува глупави приказни.

„Со задоволство му верувам на се’, но со некои нешта ни денес не можам да се помирам“, вели Хектор Перес Хогадо.

„На почетокот не му верував. Но потоа за неговиот живот направија филм“, тврди пак Мариса Гранде Перес.

Од приказната на Маркос се создаде филм. Маќеата го тепала, а таткото не можел да го прехрани. Детето е напуштено и дадено на чување на овчар, кој кратко потоа починал. Така, Маркос останал сам и ловел со волците, се‘ додека не наполнил 19 години, кога полицијата го извадила од шумата.

Дивјакот на сила го цивилизирале и го однеле во манастир во Мадрид. Но, ниту самите калуѓерки не успеале во него да го потиснат дивиот човек.

И така Маркос остана аутсајдер со неверојатно минато.

Филмот од Херардо Оливарес би требал да докаже дека Маркос ја зборува вистината. На крајот, во него се појавува и самиот Маркос.

Можност тој да се рехабилитира. Се чини оти таа ќе биде успешна.

„Луѓето овде во селово се променија. Многумина ме викнаа на страна и ми се извинија. Јас реков: ’за што ми се извинуваш, кога ништо не си ми направил?’ ’Да, сум ти направил. Те сметав за нешто што не си. Прости ми’“.

Реакциите нему му годеа. Но, досега вистистински тој може да им верува само на неговите животни, како што е кучката Лобита.

Еден од малкуте луѓе кои му се блиски е Мануел Лопез Васкез, пријател на Маркос. Тој го прифаќа Маркос каков што е:

„Јас морам да кажам - овој човек, Маркос, и натаму има невообичаени навики. Од време на време е многу добар, а некогаш сосема поинаков“.

„Тогаш гризам“, се смее Маркос Родригез Пантоха.

Луѓето кои Маркос пред се’ ги сака се децата. Можеби затоа што тие од секогаш му веруваа. Но, тој не успеал да основа сопствено семејство.

„За тоа би бил многу горд. Ах, кога некој би дошол и би ми рекол тато. Тоа би било извонредно. Но, работите се одвиваа поинаку. Јас немав вистинска куќа и немав сигурност. Тоа не се добри услови за животот на една жена“.

Тој низ живот сам се справувал со се’. Дури и ако луѓето сега му веруваат дека волците го пораснале, тој во нивната средина вистински не припаѓа. Ниту филмот не промени нешто. Само тогаш кога бил со волците тој чувствувал дека некому припаѓа.