1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Вистинска “економска пролет“

Германската економија добива полет. Таа во првата половина од годинава бележи пораст поголем отколку што се претпоставуваше. Сојузниот завод за статистика соопшти дека бруто домашниот производ пораснал за 0,9%.

Пораст пред се благодарение на градежништвото

Пораст пред се благодарение на градежништвото

Пораст од 0,9% последен пат е забележан во 2001 година. Јерг Кремер од Комерцбанк, вели дека има причини за задоволство:

“Тоа навистина се добри бројки. Треба да имаме предвид и дека бројките за порастот во четвртиот квартал во 2005 година и во првиот квартал 2006 година се ревидирани нагоре. Значи не минал подобро само вториот квартал од оваа година, туку и претходните два квартали. Годинава се изгледа како германското стопанство да ќе забележи пораст од 2%, што за Германија е добра бројка.“

Сојузниот завод за статистика вели дека поттикнувачи на полетот во вториот квартал биле инвестициите во градежништвото. Тоа, според Кремер, не е изненадување, зашто во првиот квартал владееја зимски услови. Она што останало недовршено поради зимата, било надополнето во вториот квартал и предизвикало силно заживување на градежните работи. Кремер има малку надеж дека полетот во економијата ќе се движи според класичен урнек – прво силна побарувачка од странство, потоа пораст на инвестициите на претпријатијата дома, и како круна – голем пораст на приватната потрошувачка:

“Првите две искри блеснаа – прво на светската економија и одеше многу добро и претпријатијата навистина солидно ги зголемија инвестициите. Приватната потрошувачка досега разочара, значи третата искра не светна. Претпазлив сум и не знам дали тоа ќе се случи и во иднина, зашто подобрувањето на пазарот на работна сила е многу резервирано. Сојузната влада не можеше да се одлучи на решавачки реформи и затоа верувам дека за подобрување на приватната потрошувачка недостига базата.“

Поради слабостите на пазарот на работна сила и првите знаци на светска конјуктура која слабее, Јерг Кремер од Комерцбанк, како и поголемиот дел од неговите колеги, верува дека германската економија во втората половина на годината нема да бележи толкав раст како во првата половина. Иако, сигурно е дека повеќето потрошувачи голем дел од купувањето ќе го направат предвреме, поради најавеното зголемување на данокот на додадена вредност од почетокот на наредната година. Но, дотолку поголема ќе биде дупката на почетокот на наредната година:

“Ќе паднеме во дупка поради две причини. Прво, ефектите на предвременото купување значат дека луѓето во првиот квартал од наредната година ќе купуваат помалку. Второ, зголемување на данокот на додадена вредност за три проценти ја намалува куповната моќ на приватниот сектор во Германија за отприлика еден процент. Тоа е значително намалување на куповната моќ на масите и затоа германското стопанство во првата половина на 2007 година ќе бележи значително послаб пораст. Ние сметаме дека наредната година ќе имаме стопански пораст од еден процент, по, за годинава проценетите, два проценти пораст.“