1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Вистини и заблуди за дрогата

Во Македонија наркоманијата одамна не е табу тема. Проблемот се третира од повеќе аспекти. Во Охрид и регионот полицијата и Црвениот крст три години спроведуваат проект за младите да научат за штетноста на дрогата.

default

Од љубопитство до руинирање на животот

Алармот е вклучен одамна. Дрогата е веќе меѓу ученците од основните училишта. Стефан Димоски, портпаролот на Секторот за внатрешни работи од Охрид предочува дека во општината се регистрирани 383 наркозависници.Темната бројка е далеку поголема , но:

„ Најмалиот наркозависник којшто е регистриран има само 14 години. Првите контакти основците ги имаат со марихуаната. “

Отворено за штетноста на дрогата пред децата

Превентивно СВР – Охрид три години го спроведува проектот : „Дрога: вистина и заблуди “. Во него се вклучени Црвениот крст и властите од осумте општини во регионот меѓу кои се и : Струга, Кичево и Дебар. Целна група се ученците од петто до деветто одделение и средношколците, вели Димоски :

Опфативме 25 000 ученици и 9000 родители. Ова е една огромна бројка. Задоволни сме од делувањето на полициските службеници , но и од одзивот кај ученците. “

„Има безброј прични да го избегнете патот на дрогата.“ Вака, доктор Соња Стурлакова Димовска, која беше во тимот, ги започнувала едукативните предавања. Ја прашавме за најчестите прашања кои и‘ ги поставуваа учениците:

„Колку пати треба некој да земе дрога за да стане зависен? Како ќе препознаат ако некој им стави дрога во алкохолот ? Кои се лесни, а кои тешки дроги, како и за начинот на тестирање. “

Ohrid 2

На младите во Охрид им е потребно разјаснување

Мода да се мешаат алкохол и дрога

Доктор Димовска работи во Итна помош во Охрид :

„За жал бројот на младите кои доаѓаат да побараат итна помош е зголемен. Најчесто децата доаѓаат сами по забави кадешто пиеле комбинација од алкохол и дрога. И тоа во раните утрински часови, кога ги носат своите другари во состојба на бесознание.

Продолжуваме и се обидуваме да ги следиме трендовите, додава портпаролот Димоски :

„Вклучивме познати лица од Охрид од театарот, спортот, културата, уметноста и на Градскиот плоштад на видео бим направивме извонредна презентација на самата кампања. Нивното учество значи еден крик на сите нас во делот на актуелизирање на присутноста на дрогата во нашата средина и неопходноста час поскоро сите да се сплотиме во делот на создавање фронт за сузбивање на дрогата како најголемо зло надвиснато над младите.“

Stefan Dimoski

Стефан Димоски

„Не„ на дрогата – „да“ на животот

Проектот по својата комплексност е единствен во Македонија :

„Остваривме контакт и презентација кај албанските и турските ученици. И флаерот освен на македонски е отпечатен и на овие два јазици “, додава Димоски.

Позитивните ефекти се очекуваат допрва. Но почетните се во намалувањето на корисниците на дрога на возраст меѓу 15 и 18 години.

„Сега имаме регистрирано 4 лица, додека во изминатите две години имаше 11. Седум лица веќе не фигурираат како наркозависници на оваа возраст.Тоа е поентата да го всадиме кодот за негативизам кон ова зло меѓу младите. “

Најважно е што свеста кај возрасните јакне и тие отворено зборуваат со децата како да и‘ кажат НЕ на дрогата, а ДА на животот.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Жана Ацеска