1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Виолини и флејти наместо скалпели и игли

Доаѓаат од различни земји и имаат две заеднички нешта. Тие се лекари по професија и музичари од пасија, собрани во Светскиот оркестар на доктори, кој прави добротворни концерти во полза на медицински проекти од светот.

default

Помош за пациентите преку музицирање

Приходот од нивниот последен настап во Берлинската филхармонија, на кој имаше околу 2000 посетители, е наменет за Центарот за згрижување на жртвите од насилство во Берлин, како и за фондацијата „Хуго Темпелман“ во Јужна Африка, која пред се‘ се грижи за заболените од сида. Оркестарот се собра само неколку дена пред настапот а неговите членови допатуваа од далеку, од Нов Зеланд, Австралија од Унгарија или Швајцарија, но и од многу германски градови.

Поврзување на музиката со медицинската одговорност

Stillleben mit Musikinstrumenten Geige

Тие патуваат на сопствен трошок, самите си го организираат сместувањето и се откажуваат од хонорар, зашто сите имаат една визија и сакаат да ја спроведат во дело. Исто како и нивниот диригент и основач на оркестрот Штефан Вилих: „Има многу оркестри на лекари, кои свират добра музика. Мојата замисла беше како можеме да ја поврземе музиката со медицинската одговорност. Така се појави идејата за основање на Светски оркестар на доктори со колеги кои се собираат од целиот свет и со свирењето сакаат да укажат на тоа колку е важна лекарската заштита за сите, колку уште региони има, каде што воопшто нема добар здравствен систем“.

Вилих не е професионален музичар, туку професор и раководител на Институтот за социјална медицина во „Шарите“, реномираната истражувачка и универзитетска клиника во Берлин. Тој, како и повеќето негови колеги, меѓутоа, покрај медицинското во текот на животот се има стекнато со основно музичко образование. Идејата за основање на оркестарот Вилих ја добил пред две години. Ширум светот во специјализираните лекарски списанија тој објавил огласи и барал, условно кажано, соборци. Така во оркестарот дошла и Синдерела Ноно Коен: „Видов оглас во еден лондонски весник за лекари и помислив, морам да го поддржам ова. Испратив имејл и реков дека би учествувала во оркестарот“.

Музиката е величествен медиум

Tage alter Musik in Regensburg Beim Konzert im Reichssaal

Во меѓувреме Светскиот оркестар на доктори има одржано три концерти. Роланд Бауер, интернист кој свири виола, го познава диригентот Вилих преку заедничките проекти за камерна музика. Тој свирел за првпат на дебитантскиот настап на оркестарот во градот Кливленд во САД: „Фантастично е. Веќе вторпат седам на пултот заедно со еден анестезиолог од Лондон и тоа едноставно ми причинува големо задоволство. Интернационалноста има особена привлечност“, вели Бауер.

Музицирање за добра цел. Штефан Вилих е уверен дека со неговиот проект го прави вистинското нешто. „Музиката е величествен медиум за нешто од блиску да им се претстави на луѓето. Тоа што лекари го користат овој медиум не е сосем вообичаено, но многу е успешно. Преку тоа ние допираме до целиот свет, и сите говориме, ако така сакате, ист јазик, оној на музиката“, заклучува Вилих.

Автор: Сигрид Хоф/ Симе Недевски

Редактор: Жана Ацеска