1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Вилаетот на Милорад Додик

Во Р. Српска стана пракса министрите во владата да поднесуваат извештаи на претседателот Додик. Аналитичарите велат дека работите излегле од контрола и оти институцијата Претседател станала приватна канцеларија на Додик.

Неколкумина министри во владата на Република Српска пред неколку денови поднесуваа извештаи за состојбата во своите ресори, но не на адреса што ја пропишува Уставот, туку се повторува случајот од пред неколку месеци, кога сите министри беа на разговор со претседателот на Република Српска Милорад Додик. Поради лошата состојба во поединечни ресори, Додик од министрите побара итна акција и нагласи дека сите министри имаат поддршка од Претседателот.

„Ние не гледаме пропусти кои би требале да доведат до смена на кој било министер или на дел од владата или, пак, на владата во целина“, рече Додик.

Меѓутоа, проблемот е што институцијата Претседател не е ниту надлежна да ја оценува работата на министрите. За таа работа е задолжен првиот човек на владата, кој поднесува извештај пред народното Собрание. Поранешниот претседател на Република Српска и лидер на Демократската партија Драган Чавиќ вели дека Претседателот нема никакви надлежности од овој вид.

„Мешањето во ингеренциите на извршната власт потврдува дека Република Српска има режим – власта е еден човек. Кога Милорад Додик беше претседател на владата, тогаш целата власт беше концентрирана во функцијата претседател на владата на Република Српска. Сега целата власт е сконцентрирана во функцијата претседател на Република Српска. Но, овој пат тоа е сосема неуставно“, забележува Чавиќ.

Остана нејасно дали министрите биле на брифинг кај Додик како Претседател или како лидер на СНСД, бидејќи на состанокот присуствувале и некои високи функционери од оваа партија. Доколку се работи за таква постапка, тогаш тоа значи дека институциите претседател (на Владата и на Републиката, н.з.) стануваат сопствеништво на еден човек во Република Српска, бидејќи Собранието е тоа на кое му се полагаат сеемтки, вели пратеникот од СДП Слободан Поповиќ.

„Што има министрите да разговараат со претседателот на Република Српска? За жал овде се’ е побркано, бидејќи се работи за приватно друштво на Милорад Додик“, забележува пратеникот Поповиќ.

„Додик се интересирал кој краде струја“

Министрите не откриваат многу за деталите од тие состаноци, но треба да се забележи изјавата на министерот за енергетика Жељко Ковачевиќ, кој по состанокот рече дека претседателот се распрашувал за кражбата на електрична енергија.

Bosnische Serben Dodik Beerdigung Patriarch Pavle

Претседателот на босанските Срби го дели народот на предавници и патриоти, оценува Ивановиќ

„На состанокот е искажано едно барање на претседателот Милорад Додик – да се влезе во конечна пресметка со кражбата на електрична енергија“, вели Ковачевиќ.

„Состанокот во палатата на Претседателот во Бања Лука беше претстава за јавноста и демонстрација на моќ, која уставно не е втемелена“, смета лидерот на ПДП Младен Ивановиќ.

„Република Српска полека станува третирана како некој вид на сопствеништво на Милорад Додик во кое тој оценува кој е патриот, а кој не е и во која ги дава сите можни оценки“, вели Ивановиќ.

Се воведува партиски суд?

Професорот на Филозофскиот факултет во Бања Лука Миодраг Живановиќ тврди дека ваквиот начин на полагање сметки не е забележан на овие простори. Опасно е што повторно се воведуваат партиски судови, укажува Живановиќ.

„Заедно со господинот Додик беа и највисоките функционери на партијата СНСД. Всушност, партискиот суд бараше министрите да се изјаснат за тоа дали се за нешто виновни и одговорни“, вели Живановиќ.

Додик, најавувајќи ги состаноците со министрите, рече дека нивната цел е согледување на ситуацијата во поединечни области и ресори, не исклучувајќи ја можноста за одредени промени. Сличен состанок е одржан и минатата година, кога на брифингот беа сите министри заедно со првиот човек на владата Александар Џомбиќ, кој во моментов е на рехабилитација, поради болки во ’рбетот.

И тогаш се шпекулираше дека ќе има промена, но се’ заврши на тоа, бидејќи министрите очигледно почнаа да го извршуваат тогаш договореното во палатата на Претседателот на Република Српска.