1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Виктор Зубков треба да биде нов премиер на Русија

Во номинирањето на прилично непознатиот политичар, следбеник на рускиот претседател Владимир Путин, набљудувачите гледаат стратегиски чекор во подготовката на претстојните парламентарни и претседателски избори во Русија

default

Владимир Путин и Виктор Зубков при една поранешна средба

Номинацијата на 65-годишниот финансиски експерт Зубков беше изненадување, токму како и оставката на владата предводена од Михаил Фрадков. Набљудувачите очекуваа за нов премиер да биде предложен човекот од доверба на Путин, заменик-премиерот Сергеј Иванов. Александар Рар, познавач на состојбите во Русија, гледа паралели со поранешни персонални решенија: “Зубков е апсолутно непознат, ситуацијата е целосно неразбирлива. Тоа потсетува на изненадувањето што Путин и’ го приреди на јавноста пред 4 години, кога го номинира тогаш целосно непознатиот Фрадков за премиер”.

Така беше и со самиот Путин: за цел свет беше загатка кога дотогаш непознатиот соработник на тајната служба КГБ прво во 1999-та година стана премиер, а само неколку месеци подоцна и наследник на рукиот претседател Јелцин.

Виктор Зубков досега се занимаваше со борба против перењето пари, како и со земјоделство, но политички беше човек од втор ред. Германскиот пратеник Карл-Георг Велман, член на Комисијата за надворешна политика на Бундестагот, во оставката на владата токму во овој временски пункт гледа стратегиско решение: “Ние сметаме дека е ова чекор во рамките на подготовките за изборите и дел од одамна подготвена стратегија. Се разбира, малку е изненадувачка варијантата со господин Зубков кој треба да стане премиер. Никој не сметаше на ова”.

Опозиционите политичари во Русија и не се изненадени. Гари Каспаров вели: “Путин се’ прави според сопствените претстави. Кој уште може да зборува за изненадувачки решенија? Тој има сопствен календар. Русија не е демократска држава – во такви системи решенијата секогаш доаѓаат ненадејно”.

Во предигра на изборите од Русија можат да дојдат уште некои изненадуваки новости. Ситуацијата е помалку стабилна, оценува Александар Рар: “Опасно е да се создде непозната ситуација и нервоза во елитата во еден толку решвачки момент, во кој сега се наоѓа Русија. Се чини како Путин со овој чекор повеќе да размислува за тоа како да ја зачува сосптвената моќ по предавањето на претседателската функција, отколку за тоа како може да ја стабилизира земјата во предигра на судбоносните избори”.

Во наредните месеци многу ќе се шпекулира околу идната улога на Путин. Оставката на владата е увод во престројување на руската политика. Виктор Зубков притоа би можел да биде само преодна фигура.

Брита Клајман