1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Викиликс“ е еднаква на терористичка организација?!

Со објавувањето на доверливите документи на американски дипломати ширум светот, интернет-платформата „Викиликс“ овозможи увид зад кулисите на американската дипломатија. На какви реакции наидоа тие информации во САД?

default

Том Фитон, раководител на граѓанската организација „Џудишал воч“, обично критички настроена кон владата, се` уште ги немаше прегледано објавените документи, но веднаш му беше јасно: „Тоа е неверојатно опасно. За мене објавувањето на такви информации е еднакво со напад врз Америка.“

Публикувањето на доверливите информации го поткопува законот, изјави Фитон во телевизиско интервју и побара одговорните да се најдат зад решетки.

Пратеникот Петер Кинг од редовите на републиканците и член на комисијата за внатрешни работи на Претставничкиот дом, побара американското министерство да го означи порталот „Викиликс“ како „странска терористичка организација“. Во интервју за светскиот сервис на БиБиСи, тој истакна:

„Викиликс ја поткопува американската влада. Безобѕирно си игра со животите на Американците и со оние на нашите сојузници, но ги загрозува и членовите на владата, кои не излегуваат во јавност, но работат зад кулисите. Објавувањето на такви информации е еднакво на терористички напад.“

Julian Assange Wikileaks Flash-Galerie

Каде е шефот на „Викиликс“?

Уништување на довербата во САД

Мајк Мулен, шефот на американскиот Генералштаб, исто така верува дека обелоденувањето на деликатните извештаи на американските дипломати може да чини човечки животи. Вчера (28.11.) за американскиот канал СиЕнЕн изјави дека тоа може да доведе до уништување на довербата во САД.

„Сосема мала информација сега може да се поврзе со цела редица други информации и на крај да добие сосема друго значење“, вели Мулен.

Никој не знае каде моментално престојува основачот на Викиликс, Џулијан Асанж. Вчера тој преку видео-линк им се обрати на новинарите во Јордан и ги одби критиките, упатени од американското министерство за надворешни работи.

„Ако министерството разбере дека сме одговорна организација, тогаш ќе стори се` за да не` спречи во објавувањето одговорни информации, надевајќи се дека нема да ги објавиме“, истакна Асанж.

Wikileaks - Internetseite Cablegate NO FLASH

САД се во непријатна ситуација

Освен „Викиликс“, весникот „Њујорк тајмс“ е единствениот американски медиум што објави делови од документите на американските дипломати. Новинарот на „Њујорк тајмс“, Скот Шејнт, изјави дека пред објавувањето, документите биле прво пратени до Министерството за надворешни работи, со молба тоа да утврди дали постојат спорни делови. „Њујорк тајмс“ се откажал од објавувањето имиња на поборници за човекови права, новинари, или политичари, кои отворено разговарале со американски дипломати околу состојбите во соодветната земја, поради што би можеле да завршат в затвор. Весникот, исто така, премолчал и информации околу тековните операции на тајните служби.

Се` уште не е јасно колкави се последиците од објавувањето на доверливите дипломатски информации, но американските аналитичари се сигурни во едно: САД се во непријатна ситуација, бидејќи сега секој ќе може да прочита какви се` информации доставувале до Вашингтон американските дипломати од речиси триста амбасади, конзулати и мисии ширум светот - од анализи на политичката и економска состојба во земјата, се` до слободни проценки на раководниот кадар. Сето тоа без вообичаените учтиви флоскули. На крајот на краиштата, Вашингтон ги испраќа дипломатите ширум светот, за да добие што е можно поопсежна слика и да знае како најдобро да постапува со претседателите, премиерите или кралевите. Само така може најдобро да ги одбрани американските интереси.

Автор: Зилке Хаселман / Трајче Тосев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска