1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Викенд под знакот на успесите на Фризингер и Урман; Лајпциг се кандидира за ОИ 2012

Новава година започна добро за германските претставници во зимските спортови. И на изминатиот викенд бележиме извонредни остварувања. Ани Фризингер, по титулата европска првенка во повеќебој во брзо лизгање, за малку промаши уште една голема титула во својот спорт - во првиот настап на едно светско првенство во спринт, што се одржа во јапонскиот олимписки Нагано, таа по четирите дисциплини го освои сребрениот медал. "Првото место не беше далеку, но уживам во успехот, беше прекрасно", презадоволна е Фризингер. Таа заостана само зад Мариане Тимер, прва Холанѓанка која освои златен медал во 35-годишната историја на светските првенства во овој спорт. Другиот спортски јунак од викендот е Михаел Урман - тој ја забележа првата победа во натпревари од светскиот куп во скијачки скокови и прва на германските претставници во тој спорт во оваа сезона. Во Закопане во саботата им го расипе славјето на домаќините - во присуство и на полскиот претседател Александар Квашњевски, Урман со скокови од 134 и 126,5 метри го остави зад себе и Адам Малиш: "Супер беше да го победиш Адам Малиш пред неговата многубројна публика". За Урман тоа беше моментот на кого веќе подолго време чекал: "Тоа беше брутално чувство; не можам ни сосем да го опишам. Ова толку го посакував веќе две години; од пред две години бев свесен за себе дека можам да победам, но никогаш не успевав - сега конечно се случи и тоа".

Кандидатура за ОИ 2012: Шансата на Лајпциг е во концептот на олимпијада како "семеен празник"

Во четвртокот, последниот ден од рокот, Лајпциг ја поднесе официјалната кандидатура за организација на летната олимипијада во 2012-та година. Тоа го сторија и Истанбул, Лондон, Мадрид, Москва, Рио де Жанеиро, Њујорк, Париз и Хавана. Секој од тие градови на околу 60 страници требаше да образложи дека е во состојба да биде организатор на игрите. Врз основа на анализата на понуденото, до 18-ти мај годинава Меѓународниот олимписки комитет (ИОЦ) ќе реши кои градови ќе останат во игра до конечниот избор во јули наредната година во Сингапур. Во оваа фаза ништо друго не е од значење, освен голите факти внесени во одговорите на анкетните листови од ИОЦ.
Сега кружат најразлични гласини и шпекулации. Наводно, во мај бројот на кандидати ќе бил редуциран на 6. Но, првиот човек на олимпиското движење Жак Рог постојано нагласува дека би можеле да останат и сите 9 кандидати, доколку задоволуваат нивните одговори во каталогот. Лајпциг, по многуте внатрешни кризи што го потресуваа Комитетот за олимписка кандидатура, во последен момент успеа сепак да го пополни тој каталог. Во неговата кандидатура всушност има само две слаби точки. Луѓето во градот, регионот и организираниот спорт во цела Германија не оставаат никакво сомневање во нивниот ангажман за олимпијадата, но во срцата на граѓаните на Германија, како последица на негативните збиднувања во изминатиот период, се' уште не е распламтен олимписки пламен. За среќа, ИОЦ во оваа фаза и нема да спроведува анкети за поддршката од населението, туку дури во предиграта на конечниот избор. Дотогаш има време за промена на расположението. Вториот е веќе фактички проблем - ИОЦ бара докази дека во круг со радиус од 50 километри кај градот- кандидат треба да има 42 илјади хотелски кревети. Лајпциг тука има дефицит од 20 илјади. Зголемувањето на хотелската понуда, пак, би било предимензионирано за град од 500 илјади жители и на долг рок би било опасно во економски поглед. Затоа се развива концепт за привремени сместувалишта. Но, дали таков новитет ќе прифати Меѓународниот олимписки комитет?
За Лајпциг е важно што германската политика - владата како и опозицијата, стојат зад кандидатурата. Тоа демонстративно го потврди и канцеларот Шредер со средбата со највисоките претставници на Комитетот за кандидатура и на германскиот спорт во целост во предвечерјето на поднесувањето на кандидатурата. Што сега треба понатаму да прави Лајпциг? Совет доаѓа од Франц Бекенбауер, претседателот на Комитетот за организација на светското фудбалско првенство во Германија во 2006-та: "Мислам дека Лајпциг има исти шанси како и другите кандидати. Секако, тешко е да се докажеш во конкуренција со Лондон, Париз, Њујорк или Мадрид. Во моментов изгледа како да е фасциниран од тие имиња. Но, сметам дека најважно ќе биде да се турка работата. Одговорните го знаат тоа. Многу е важно да се дорасчисти со внатрешните проблеми и концентрацијата целосно да се насочи на суштинските работи. Важно е истио така да се врши лобирање. Сега мора многу да се патува, мора да се искористи времето што претстои за да се биде многу на пат, да се претстави сопствената програма и да се каже - дајте му шанса на Лајпциг", вели Бекенбауер. Манфред фон Рихтхофен, претседател на Германскиот сојуз на спортовите, пак, ги потсетува членовите на Меѓународниот олимписки комитет на нивните сопствени зборови дека не сакаат гигантизам, се' покарактеристичен за олимпијадите во последно време, кој дури би можел на крајот и да ги потисне игрите. Кон милионските градови-кандидати има во тој поглед и алтернатива - малиот и прегледен Лајпциг и неговиот концепт за олимпијадата како "семеен празник". Во меѓувреме Лајпциг веќе ја изврши првата презентација на кандидатурата пред меѓународната јавност, а тоа го сторија и неговите конкуренти Париз и Њујорк. "Се ќе биде најдобро - многу компактно, а времето за транспорт меѓу борилиштата ќе биде многу кусо" рече Филип Бодијон, раководител на тимот за кандидатура, на презентацијата на Париз.
Дениел Доктороф, зачетник на идејата за олмиписки игри во 2012 во Њујорк, пак, истакна: "Кога ќе се погледне што ги збира луѓето од целиот свет околу олимписките игри - тие го здружуваат светот на едно место, ги реализираат нивните сништа преку натпреварувањата и спортистите - на многу начини тоа е она што Њујорк секојдневно го живее".