1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Викендот ќе ја определи деценијата на Македонија

Катерина Блажевска23 октомври 2015

Одговорноста да ѝ се овозможи на Европската Комисија да ја повтори препораката за преговори, не е во рацете на Брисел, туку кај политичките лидери во Македонија. Имаат рок од два дена.

https://p.dw.com/p/1Gt7i
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Има некоја тажна симболика во годинешното одбележување на Денот на македонската револуционерна борба. По повеќе од еден век, денешните наследници на некогашните борци за слобода и државност, се пред историско искушениe: ќе ја продолжат битката за слободна, правна, демократска и интегрирана држава, или со неодговорни политики и отсуство на какво било чувство за важноста на политичкиот миг, ќе ја осудат Македонија да стане меѓународно изолиран остров.

Договорот од Пржино, кој четирите најголеми партии летово го прифатија како рамковна платформа за институционално решавање на политичката криза и за враќање на земјата на реформскиот колосек кој води до интеграција во ЕУ, сега е опструиран и блокиран, а земјата се соочува да стане „втора Белорусија“. За жал, тоа не е оценка само на домашни аналитичари, туку, пред се, на меѓународните посредници во преговорите и гаранти на Договорот.

Партиите потиснички на Договорот во деновите од овој викенд имаат рок да решат: ќе тргнат на патот кон Минск или на патот кон Брисел. Одговорноста е огромна. Во прашање е иднината на земјата и судбината на повеќе од два милиона граѓани, кои во изминатите 24 години на својот грб веќе почувствуваа многу последици од неодговорните лидерства: од политички, преку меѓуетнички, па се до оружани конфликти, кои не ќе можеа да бидат надминати, ниту нивните последици санирани, без огромната помош од меѓународната заедница.

Неуспехот на Договорот од Пржино сега не ги доведува во прашање само изборите договорени за 24 април. Во прашање е доведена сегашноста и иднината на земјата. Во прашање е доведена препораката за преговори.

Само политички неупатените се уште веруваат дека извештајот на Европската Комисија за напредокот на Македонија (и кандидатите во регионот) доцни за да не се дефокусира вниманието од важните одлуки за решавање на мигрантската криза и самитите посветени на неа. Извештајот доцни за да им се даде време на македонските политички елити да го имплементираат Договорот. Кога тој би требало денес да биде објавен, извесно е дека препораката ќе изостане. А ако таа падне, земјата во декември ќе го изгуби и кандидатскиот статус. Тоа ќе значи губење на секаква политичка поддршка од официјален Брисел и крај на пристапот до европските фондови, кои веќе се вкалкулирани во финансиската конструкција за многу домашни проекти. Поради политичката нестабилност ќе се намали довербата во сигурноста и капацитетите на државата, по што Македонија ќе мора да се збогува и со услугите на меѓунродните финансиски институции, а инвеститорите кои до вчера со извесни надежи доаѓаа во земјата, веќе од утре ќе си бараат посигурна дестинација за нивните бизниси.

Тоа е накратко „утрешнината“ што и претстои на Македонија, ако власта, која де факто беше посочена како виновник за опструирањето на Договорот, не го преиспита својот однос кон потписот што го стави на него, но пред се, кон Македонија.

Одговорноста да ѝ се овозможи на Европската Комисија да ја повтори препораката за преговори, не е во рацете на Брисел, туку кај политичките лидери во Македонија. Доколку покажат макар и мали сигнали на конструктивност, во насока да му дадат шанса на Договорот, извесно е дека меѓународните гаранти ќе бидат флексибилни во однос на рокот, и дека в понеделник ништо не мора да биде „пресудено“. Тие се отворени и за помош и поддршка. Демократската јавност се надева дека партиите нема да ја одбијат оваа последна и многу клучна понуда.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема