1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

„Виз Ер“ почна со летови од Скопје

Нискобуџетната унгарска авиокомпанија „Виз Ер“ од денеска (28.10), со зимскиот ред на летање, почна со реализација на летови од Скопје до шест европски дестинации, со субвенции од македонската влада.

default

Првиот лет авиокомпанијата го реализира денеска на релацијата Скопје-Ајндховен. На таа линија „Виз Ер“ треба да лета двапати неделно. Два лета во текот на неделата ќе реализира и од Скопје до Милано, Малме, Минхен и Дортмунд, а три пати неделно до Базел.

Според најавите од „Виз Ер“, најевтините авиобилети во еден правец со вклучени аеродромски такси ќе чинат од 8,99 евра до 17,99 евра. За субвенционирање на „Виз Ер“, македонската влада, согласно потпишаниот тригодишен договор, одвојува 306 милиони денари. Инвестицијата за старт со оперирање на новите дестинации, според првичните најави на раководството на „Виз Ер“, ќе ги чини 80 милиони долари, што ќе биде проследено со отворање 300 нови работни места.

Авиокомпанијата следната година планира да понуди и директни летови од Скопје до Брисел, Рим и до Барселона, но, според раководството, тоа ќе зависело од потребите на македонските патници.

Очекуваните ефекти од субвенционирањето, според критериумите, се во првата година да има најмалку 120.000 нови патници, односно по 10.000 месечно, најмалку 135.000 во втората година и 150.000 во третата година.

Вицепремиерот Владимир Пешевски, кој присуствуваше на денешната промоција на шесте нови летови субвенционирани од Владата, рече дека цифрите се добар показател за добрата стратегија:

„Очекуваме во следните години бројот на туристи во Македонија да порасне, како директен резултат на нашата инвестиција во ниско буџетниот воздухопловен сообраќај. Задоволни сме што една од водечките авиокомпании во Европа, „Виз Ер“, е посветена да го развие македонскиот воздушен сообраќај“, истакна Пешевски, притоа честитајќи и‘ на авиокомпанијата и нивните локални кадри за почетокот на операциите на базата во Скопје и пристигнувањето на нови авиони.

Mazedonien Skopje neues Flughafengebäude

Виз Ер ќе реализира летови од Скопје кон шест европски дестинации

Тој најави дека македонската влада работи на тоа да пронајде сервисна компанија, која ќе ги сервисира авионите.

Извршниот потпретседател на „Виз Ер“ Џон Стивенсон рече дека е многу среќен што токму денеска во Скопје компанијата ја отвора 16-тата база.

„Од нашето објавување на шесте нови возбудливи дестинации, корисниците во Македонија и од земјите со кои го поврзуваме Скопје се собраа на нашиот веб сајт за да ги искористат ниските цени и преку 25.000 патници веќе резервираа летови од Скопје до новите дестинации, зголемувајќи го вкупниот број на „Виз Ер“ патници од Македонија на над 100.000 од почеток на нашата работа во земјата пред помалку од една година“, рече Стивенсон.

Тој очекува нискобуџетниот авиосообраќај да порасне до над 300.000 патници во првата година од новата база.