1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Визно олеснување или само фарса на владата во Куба?

Комунистичката влада на Куба на своите граѓани од средината на јануари идната година ќе им го олесни патувањето во странство. Но оваа одредба не важи за сите. Опозицијата реагира скептично, САД пак се радуваат.

Додека повеќемина опозициски групи се изјаснија дека најпрво треба да се почека и да се види како ќе изгледа спроведувањето на визната слобода во пракса, од Вашингтон се вели дека најавата на Хавана е во согласност со општата Декларација за човекови права, во која се гарантира слобода за влез и излез од една земја. Портпаролката на министерството за надворешни работи Викторија Нуланд во првата реакција изјави дека САД ќе го набљудуваат спроведувањето и влијанието од новата регулатива.

Во САД постои посебна одредба според која секој Кубанец кој ќе пристигне во САД автоматски добива право на престој. Во моментов во САД живеат 1,5 милиони Кубанци. Засега неможе да се процени дали многумина Кубанци, слободата за патување ќе ја искористат за долгорочен престој во Соединетите Американски Држави.

Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле се изјасни дека најавата од Хавана е „позитивен, ако не и чекор за отворање кој одамна требаше да се случи“.

Според податоци на владата на оваа карипска држава граѓаните на државата од средината на јануари 2013 нема да имаат потреба за дозвола за излез, туку само патна исправа и виза за земјата каде патуваат. При приватни патувања Кубанците во иднина ќе може да престојуваат во странство до 24 месеци - наместо досегашните 11 месеци. Како и при секоја „реформа“, која комунистичката влада на браќата Фидел и Раул Кастро во изминатите децении ја најавуваше, и кај овие во партискиот весник „Гранма“ најавени промени на одредбите за патување, најважно е она што е напишано со мали букви.

„Кражба на таленти“

Имено владата има намера да ги задржи ограничувањата за одредени висококвалификувани групи граѓани. Најверојатно олеснувањата за патување нема да важат за висококвалификувани граѓани како лекари на пример. „Ќе се задржат мерките, за духовниот капитал постигнат со револуцијата да се заштити од грабежот на таленти од страна на моќните“, соопшти раководството во Хавана, без да наведе повеќе детали.

Досега одобрувањата за патувања беа делени самоволно. Барањата на критичарите на режимот најчесто беа одбивани. Натамошно ограничување во пракса е и тоа што Кубанците за повеќето земји во светот треба да добијат влезна виза, која честопати тешко ја добиваат. Згора на тоа со просечна месечна плата од едвај 15 евра и финансиската пречка ќе биде ненадмилива за најголемиот број Кубанци.