1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Визниот режим за Западен Балкан на тапет во Луксембург

Мешовитиот комитет на Министерскиот совет за правда и внатрешни работи денеска (25.10) во Луксембург ќе го разгледа третиот извештај на ЕК за следењето на визната либерализација за земјите од Западен Балкан.

Европската комисија пред министерскиот совет за правда и внатрешни работи ќе истакне дека механизмот за следење на визната либерализација за земјите од Западен Балкан продолжува да функционира добро. Притоа, Комисијата оценува дека визната либерализација ги носи очекуваните плодови и дека земјите од регионот прават напори за спречување на лажните азиланти.

Во заклучоците на извештајот стои дека во „најголемиот број од случаите, патниците со потекло од земјите од Западен Балкан се искрени“, односно не го злоупотребуваат безвизниот режим.

Постигната е целта на безвизниот режим

Комисијата е на мислење дека првата цел на безвизниот режим е постигната. Во однос на олеснувањето на контактите меѓу луѓето, подобрувањето на трговската размена, охрабрување на културната размена и давањето на граѓаните од регионот можност подобро да ја запознаат ЕУ.

Понатаму се нагласува дека земјите од Балканот продолжуваат со реформите предвидени со „патниот налог“, визната либерализација, а останува позитивен и степенот на спроведувањето на билатералните договори за реадмисија.

Околу експлозијата на злоупотребата на визната либерализација, Комисијата забележува дека бројот на азилантите варира сезонски и дека слабиот степен на интеграција на ромската заедница, останува важен фактор за мотивација за барателите на азил од оваа група на население. Големиот број на барања за азил во одредени земји на ЕУ, според Комисијата се должи и на финансиските предности кои тие им ги даваат на азилантите.

Решавање на проблемите на Ромите

Земјите од Балканот, се вели во извештајот, при што тука како позитивен пример е наведена и Република Македонија, бараат решенија за актуелните проблеми на Ромите, од кои некои носат плодови, како акциониот план за вклучување во општеството на Ромите и бегалците Роми, отворањето на центри за информации, пристапот кон образованието со давање на стипендии итн.

Комисијата, општо, советува засилување на информативните кампањи, како и поголема контрола на границите како при влезот во ЕУ, така и при излезот од земјите со безвизен режим. И на крајот засилување на помошта за малцинското население, посебно за ромската заедница во овие земји, во рамките на инструмените од програмите за предчленство.

„Тешко е преку ноќ да се реши прашањето со Ромите и припаднците на малцинствата. Сега кога се приближува зимата стравувам дека многу лица ќе заминат да побараат азил, иако на тоа немаат право. Тоа е логично, луѓето кои имаат економски и социјални тешкотии бараат подобар живот. Затоа треба да се направи сè што е можно за да се подобри нивната ситуација“ , нагласува словенечката европратеничка Тања Фајон, која беше известувач за визната либерализација.

Преговорите за измена на механизмите на безвизниот режим се во тек

Советот и Европскиот парламент, во моментов, се‘ уште водат преговори околу измените на механизмите за безвизниот режим. Тие се очекува да бидат усвоени на почетокот од идната година, што ќе дозволи, во одредени ситуации времено враќање на визите за државјаните на земјите за кои има безвизен режим, но и реципроцитет во визите ако некоја земја воведе визи за граѓаните на ЕУ.