1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

„Визарис МКД“: СДСМ говори за корупција, Тодоров уверува во законитоста на постапката

Македонската асоцијација на новинари преку писмена реакција пак денеска ја критикуваше најголемата опозициска партија во земјата за неосновани напади против новинарката Ивона Талевска за дневно-политички потреби.

СДСМ денеска повторно побара одговор од власта за вчера објавениот случај за бизнисот со медицинска опрема вреден 40 илјади евра доделен на мајката на уредничката на Сител Ивона Талевска, фирма во која, како што тврдат од партијата, одговорна за контакт била Талевска. Тие обвинија и дека истата фирма „Визарис МКД“, од власта добила бизнис вреден над милион евра.

„Ова е официјалниот документ од Бирото за јавни набавки. Овој документ покажува дека министерството склучило договор со фирмата во која мнозински сопственик е мајката на Ивона Талевска, во вредност од 62 милиона 701 илјада 048 денари. Тоа е зделка од 1 милион и 28 илјади евра со фирмата Визарис МКД, чија сопственичка е Лимба Талевска, а лице за контакт самата уредничка на Сител и главен и одговорен уредник во весникот Вечер, Ивона Талевска“, рече на денешната прес-конференција портпаролот на СДСМ Петре Шилегов.

На ваков начин, сметаат во СДСМ, власта ги корумпира новинарите и медиумите за да ја бранат агендата и политиката на власта и да создаваат лажна слика за состојбите во земјата.

Nikola Todorov Mazedonischer Bildungsminister

Македонскиот министер за здравство Никола Тодоров денеска пак оцени дека склучениот договор со фирмата „Визарис ДООЕЛ“ е целосно во согласност со законот. Тодоров не се согласува со промените кои се настанати по склучувањето на договорот и кои, како што рече, довеле до неетична ситуација.

„Постапката е спроведена целосно законски и согласно сите позитивни законски норми. Не се согласувам со промените кои се настанати по склучувањето на договорот. Разочаран сум затоа што од еден многу добар проект, од еден тендер кој резултираше со склучување на договор, кој требаше да донесе дигитални апарати во јавните здравствени установи и да се оневозможи една пракса на постојано купување на скапи филмови, еден бизнис на практично исцедување на средства од ЈЗУ, настана ситуација која би ја окарактеризирал како малку неетична, иако е целосно во согласност со законот“, потенцира Тодоров.

Тој соопшти дека го разгледале целиот случај уште еднаш со цел да се утврди дали е целосно испочитуван договорот, дали е постапено во се, онака како што предвидува договорот. „Ако не е постапено и ако има определени повреди во обврските предвидени со договорот, со сигурност ќе преземеме мерки“, посочи Тодоров.

Македонската асоција на новинари – МАН, пак денеска преку писмена реакција протестира против настапите на СДСМ во јавноста во кои, како што истакнуваат од Асоцијацијата, се пласираат неосновани напади и квалификации против новинарите, со цел истото да се користи за нивните дневно политички потреби.

„СДСМ на прес конференција, ја нападна уредничката на ’Вечер’, и новинарка на ’Сител’, Ивона Талевска само од една причина, зошто нејзината мајка била партнер во странска форма која се занимава со медицинска опрема и ја пласира истата во Македонија според услови предвидени со закон, не наведувајќи ниту едно незаконско дејствие кое произлегува од тој процес. Притоа, дадени се низа квалификации од партиско - политичка перспектива за потреби на СДСМ - со кои се прави јасен обид да се влијае штетно на угледот на новинарот за кој станува збор“, се вели во реакцијата на МАН.

За Асоцијацијата е спорно и тоа што СДСМ, како што се вели во реакцијата, излегува со наредба до МРТВ да се објавуваат нивните прес - конференции, без оглед дали тие имаат, или немаат содржина која претставува јавен интерес.