Виена- нова станица во фото-финишот на разговорите за името | Македонија | DW | 13.02.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Виена- нова станица во фото-финишот на разговорите за името

Според дипломатски извори, средбите ќе се згуснат во текот на следните неколку недели. Нема информации дали на денешната средба во Виена ќе се разгледува нацрт-договорот кој „за средината на февруари“ го најави Коѕијас.

Шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, синоќа имаа средба во Виена (насловна фотографија), а денеска и на заедничка средба со посредникот од ОН, Метју Нимиц, ќе ги продолжат разговорите за решавање на спорот за името. Нивната средба со медијаторот беше навестена и очекувана, исто како и продолжувањето на разговорите на министерско ниво. Нема информации дали на денешната средба ќе се разгледува нацрт-договорот којшто „за средината на февруари“ го најави Коѕијас. Тој минатиот месец рече дека се подготовува нацрт-договор од четири точки (поглавја) кој, доколку биде прифатен, ќе претставува основа за решавање на спорот, ќе треба да добие зелено светло од парламентите на двете земји, и ќе го отвори патот на Македонија до НАТО и ЕУ.

„Во оваа спогодба ќе бидат вклучени сите теми што се отворени во врска со името. Посебно поглавје за иредентизмот, но и за темите што се однесуваат на иднината на земјата, за нејзината интеграција во меѓународни организации и позитивна агенда, како можат дополнително да се развијат нашите односи“, изјави Коѕијас.

Повеќе на темата: 

-Жешките разговори за името почнуваат идната недела

-Ципрас игра политички покер со името на Македонија

-Хан: решение за спорот за името со лидерство и државништво

Изборот на австриската престолнина за место на новата рунда разговори не ги изненади медиумите, со оглед дека во Виена се сместени бројни институции на ОН. Грчки медуми најавуваат уште поголема фреквенција на состаноци.

„Двајцата министри, исто така, ќе се состанат во Софија во четврток и петок, каде што се одржува неформалниот совет на министерот за надворешни работи на ЕУ. Контактите го потврдуваат интензивирањето на преговорите, кои, според дипломатски извори, ќе се згуснат во текот на следните неколку недели“, пишува „Катимерини“.

Преговарачки позиции

На денешната средба македонската страна стигнува со ставот што јавно го соопшти премиерот Заев: дека за Владата е прифатливо име со географска одредница и дека нема причина за промена на Уставот. Грчкиот премиер, пак, го повтори ставот дека за затворањето на проблемот е неопходно сложено име за севкупна употреба, за што е неопходна промена на македонскиот Устав, и повлекување на сите сомнежи за иредентистички ставови.

„Решението не може да биде друго, освен од едно сложено име што ќе важи за сите и за севкупна употреба. Нешто, за што предуслов е уставна промена, за името навистина да биде ерга омнес - за севкупна употреба. Не може да биде едно за употреба надвор, а друго да биде името во Уставот. Секако предуслов е и повлекување на секаков сомнеж за иредентизам. Ова е единствената рамка што го гарантира решавањето на проблемот и поминување во нова ера за целиот Балкан, далеку од национализмот, фанатизмот и нетолеранцијата“, изјави Ципрас по состанокот со пратеничката група на Сириза. 

Повеќе на темата: 

-Македонија почна да го растовара тешкиот багаж

-Нимиц гледа решение за името

-Македонска салата во Грција

Нудат ли ваквите позиции простор за надминување на разликите?

„Иако на двете страни им се брза, за вакво горливо прашање треба мудрост и ладна глава“, вели амбасадорот Љупчо Арсовски.

„Најновата, би ја нарекол 'ненадејно закажана' средба, секако е една во низата кои ќе се случуваат и на ваков начин во блиска иднина, за да се дојде до некое решение со кое ќе се надмине, според мене, проблемот околу влегувањето на Република Македонија во јуни во НАТО. Факт е дека западната заедница е цврсто решена со тоа да се обезбеди стабилност и безбедност во овој дел на Западен Балкан, кој сега многу повеќе отколку порано е во приоритетите на ЕУ. Дотолку повеќе што над две децении трае ова како отворено прашање, а една деценија немаше никакви посети на државно ниво меѓу двете земји“, вели амбасадорот.

Според него, невообичаено за вакви разговори за чувствителни прашања, е низ медиумите да се изнесуваат ставови и размислувања, дури и со императивен тон.

„Познато е дека менување на Устав бара голем простор и подготовка. Иредентизмот го нема од наша страна и тоа им е јасно на официјалните и интелектуалните кругови во Грција и го толкувам како преговарачка позиција. Како одговор на изјавите на премиерот и министерот за надворешни работи на соседната земја, следеа и јасни одговори на македонскиот премиер и министер за надворешни работи. Во вакви ситуации кога подолго време ќе се 'застане во место' настапуваат медијаторот и 'помош во вид на добри намери' од некои западни земји,  првенствено САД и Германија. Јас ги очекувам нивните реакции, предлози и обид за надминување на проблемот со наше влегување во НАТО“, потенцира Арсовски. 

 

DW.COM