1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Вигенин: Нема датум за Македонија

Нерешениот спор со Грција и непотпишувањето на договорот за добрососедство со Бугарија се дел од причините поради кои Советот на ЕУ нема да одреди датум за почеток на преговори со Македонија. Но, тие не се единствените.

Ова го порачал шефот на бугарската дипломатија Кристијан Вигенин во пресрет на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ, пренесува агенцијата Фокус. Тој, како што пренесува БТА, прецизирал дека одлука на Советот по прашањето за Македонија и определувањето датум за почеток на пристапните преговори на земјата со ЕУ не се очекува затоа што е останато нерешено и прашањето за името. Според него, во тој дел нема напредок, туку видливо е извесно влошување на односите со Грција.

Прашан за тоа до каде се работите околу договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, тој изјавил дека се работи за сложени преговори и дека нема потреба за избрзување при неговото потпишување.

„Тоа се сложени преговори, засегаат важни прашања и за двете страни, така што нема потреба од брзање. Зборуваме повеќе околу содржината, но природно, желба и на двете страни е да ги придвижиме работите колку што може побрзо. Сепак тоа не значи и избрзување. Внимателно се погледнуваат сите текстови. Сепак, самата Република Македонија не е под притисок да се реши ова прашање со Бугарија, додека стои прашањето за името. Но, мислам дека и тие, но и ние сакаме ова прашање да се придвижи“, порачал шефот на бугарската дипломатија.

Вигенин изјавил дека денес е „малку поголем оптимист отколку од пред два месеца“ и нагласил дека „нема потреба од брзање“. Шефот на бугарската дипломатија изјавил дека „како резултат на преговорите има многу поголем степен на разбирање за реалните проблеми“.

Вигенин информирал дека во однос на прашањето за проширување на ЕУ кон Западен Балкан, Бугарија потпишала писмо во кое поддржува на Албанија да ѝ биде доделен статус на земја-кандидат за членство. Во однос на присоединувањето на Србија, тој изразил очекување најдоцна во текот на јануари да започнат преговорите со Белград. Во Босна и Херцеговина, според Вигенин, нема развој и земјата не исполнува ниту една од преземените обврски. Според него, на Косово во принцип се гледа позитивно, но денеска исто така не се очекува развој во контекст на евоинтеграцијата.