1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Вигенин: Бугарија е исплашена од политиката во Македонија

За да стане членка на ЕУ, Македонија треба да ги реши суштествените проблеми со своите соседи и да ги реализира реформите, кои ги очекува ЕK. Тоа не е лесен и брз процес, но нема друг пат, вели за ДВ Кристијан Вигенин.

Бугарскиот министер за надворешни работи Кристијан Вигенин во разговор со уредникот на Бугарската редакција на Дојче веле, Александар Андреев, зборува за односите на Софија со соседната Македонија и спорните прашања.

Дојче веле: Како ги оценувате бугарско-македонските односи во моментов?

Кристијан Вигенин: Добрите односи со Македонија за нас имаат големо значење. Со жалење треба да констатирам дека во последните години се забележува определен дефицит во односите меѓу двете држави. Во голем степен веројатно тоа се должи и на фактот што последниве години во Република Македонија владее тенденција на засилување на национализмот, што неизбежно води кон продлабочување на недовербата меѓу нас. Негативната кон нас медиумска кампања, обидите за присвојување на историските собитија и личности, претензиите за „македонско малцинство“ во Бугарија и ред други факти создаваат упорни стереотипи во македонското општество, што пак од своја страна раѓа реакција во бугарското општество.

Нашето убедување е дека за постигнување позитивна атмосфера меѓу двете страни е неопходна политичка волја и засилување на дијалогот меѓу официјалните власти - владите, парламентите, општините. Возможна е нова динамика во односите и реализирање на иницијативи, кои ќе доведат до нараснување на довербата меѓу двете држави. Во тој смисол работната средба меѓу двајцата премиери на 28. јули во Ќустендил постави добра основа и покажа дека дијалогот може да тече на официјално рамниште. Важно е, се разбира, тој да биде исполнет со содржини и да се постигне реален напредок во редица области, како економијата, транспортот, инфраструктурата, културата, соработка меѓу општините и.т.н. Сето тоа всушност може да биде развиено во полн опфат откако ќе биде потпишан Договорот за добрососедство и соработка.

ДВ: Во меѓународните медиуми се појавија неколку критички статии во кои се тврди: Праведни или не, претензиите на Бугарија кон официјалната интерпретација на историјата во Македонија не треба да влијаат врз политиката, врз меѓусебните односи и во крајна линија врз бугарската позиција во однос на евроинтеграцијата на Македонија. Според Вас, постои ли такво нешто, и ако постои, дали е тоа оправдано?

Кристијан Вигенин: Лесно е да се даваат совети отстрана. Но, Бугарија се чувствува заплашена од спроведувана политика во Република Македонија во последните години, политика која не беше предизвикана од ништо. Напротив, Бугарија од самото создавање на Република Македонија ја поткрепува новата држава во секој однос. Но, кога сѐ поцелно се поставува под прашање бугарската историја, бугарското културно-историско наследство, се промовира непостоечко македонско малцинство кај нас не можеме да ги затвораме очите. За да стане членка на ЕУ, Република Македонија треба да ги реши суштествените проблеми со своите соседи, да покаже дека се придржува кон принципите на добрососедство и да ги реализира неопходните реформи, кои ги очекува Европската комисија. Тоа не е лесен и брз процес, но за Република Македонија нема друг пат. Морам да потенцирам повторно, нашата главна цел е Република Македонија, како и сите држави од Западен Балкан да станат членки на ЕУ. Само тогаш ќе може да се развие во цел опфат регионалната соработка. Тогаш ќе имаме простор кој ќе биде многу попривлечен за инвестици и за живење.

ДВ: До каде е стигната подготовката на евентуалниот Договор за добрососедство и соработка меѓу двете страни? Какви се пречките пред него? Зошто Бугарија инсистира на тој договор, а Македонија се стреми да го избегне?

Кристијан Вигенин: Досега се извршени четири рунди преговори во рамките на Договорот. Ред е на Република Македонија да ја покани нашата преговарачка екипа. До овој момент таква покана уште не е дојдена, но се надеваме таа да стигне во најскоро време. Постојат три спорни прашања за чие решавање е неопходна силна политичка волја од страна на македонското раководство. Сметаме дека раководството на Република Македонија не е ентузијастички настроено кон Договорот, но Бугарија опстојува на негово потпишување и имаме дадено јасни сигнали до македонската страна дека по ова прашање нема и не може да има промена. Потпишувањето на Договорот ќе овозможи целосен развој на соработката и ќе ги надмине постоечките задршки на Бугарија во однос на давањето датум за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ.

ДВ: Според Вас, спорни се три теми во билатералните односи: општата историја, македонската политика кон македонското малцинство надвор од границите и спорот околу јазикот. Како изгледа сегашната ситуација во однос на овие три проблеми?

Кристијан Вигенин: Сметаме дека договореното со декларацијата на премиерите во 1999 година е основата која може да овозможи и по трите прашања да преминеме на рамниште на договор меѓу двете страни. Тоа ќе има поголема обврзувачка сила и на Бугарија ќе и‘ ги даде неопходните гаранции за да може без резерви да ја отвори вратата кон ЕУ за Република Македонија. Не би сакал да коментирам во детали теми кои се предмет на преговори. Во однос на јазикот би кажал дека по 1999 година беше најдена формула, која допушти потпишување на над 60 договори од различен карактер. Таа формула постои и не гледам причина да биде ставена под сомнение.