1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

„Ве молам, правете секси е-автомобили!“

Автомобилите на електричен погон еуфорично беа славени како еколошки спасители. Германија е далеку од целта за еден милион електрични возила во 2020-та година, оти во моментов се регистрирани само околу 4.500.

„Грди и скапи“ - вака претседателот на Советот при Сојузното здружение за електромобилност Јан Тренкер спонтано ги опиша актуелните автомобили на електричен погон. Најголем проблем за пробив на пазарот е што во моментов нема подобна понуда. Електромобилите мораат да нудат квалитет, безбедност, дизајн и имиџ на марката, за да бидат прифатливи за германските купувачи, смета Тренкер и им порачува на производителите: „Ве молам, правете секси е-автомобили!“

До 2014-та година на пазарот треба да се појават 15 модели на германски е-автомобили. Прашање е дали тие ќе предизвикаат интересирање кај купувачите, за разлика од актуелниве, кај кои единствената предност е токму електричниот погон. Инаку, тие се трипати поскапи од автомобилите со класичен мотор со внатрешно согорување, со едно полнење можат да поминат релативно мали растојанија и нема доволно инфраструктура за полнење на акумулаторските батерии, а уште и техниката им е, споредбено, недоволно сигурна. Иако теориски е-автомобилите се идеални за градски услови, во практиката тие не се пробија.

Германија ќе ја постигне целта

Deutschland Elektroauto bei der E-Miglia Tanken

Во моментов во Германија има околу 4.550 регистрирани е-автомобили

Во моментов во Германија има околу 4.550 регистрирани е-автомобили - речиси сите за претпријатија или за маркетиншки цели. Фактот е „отрезнувачки“, вели сојузниот министер за сообраќај Петер Рамзауер. Но, техничкиот и општествениот развој не можат да се изнудат или забрзаат со декрет; за одредени процеси треба време да созреат, а електромобилноста во Германија „направи голем чекор напред“, нагласува тој. Со отвореноста за разни технологии и вклученоста на сите бранши, земјата добро напредува и подготвува терен еден ден со масовна продукција да биде водечка во светот.

Вака на работите гледа и Хенинг Кагерман, претседател на Националната платформа за електромобилност (НПЕ). Во неа, на иницијатива на владата, се здружени производители на автомобили, нивни лиферанти, електродистрибутери, научници и синдикалисти. Германија во секој случај ќе ја постигне целта, да биде водечки пазар и водечки понудувач, вели Кагерман. Индустријата многу инвестира - само во фазата на подготовка на пазарот до 2014-та година се планирани до 17 милијарди евра само за истражувања и развој. НПЕ сега е многу поубедена дека и во Германија ќе има интегрирано производство на батерии за е-автомобили.

Е-автомобилот е скапо задоволство

Но, ни за Кагерман нема сомневање дека е-мобилност во Германија нема да се етаблира без „пакет мерки за стимулација на пазарот“, но во моментов владеат различни мислења како ќе изгледа. Државата досега издвои 500 милиони евра, а ќе следи уште една милијарда до наредните избори во септември 2013 година. Потоа владата ќе влијае и преку данокот за автомобили, прописите за отпишување на вредноста (амортизација) за е-автомобили, а планирана е и јавна набавка на такви возила.

Владата и натаму отфрла државни премии за купување е-автомобили, што пак е практика во други земји. Кога државата би плаќала по 5 илјади евра по е-автомобил, до 2020-та година, за кога е планирано да има еден милион е-автомобили, тоа би значело дека треба да издвои 5 милијарди, а Рамзауер укажува дека толку пари има годишно на располагање за изградба и одржување на патната мрежа.

Значи, пробивот ќе мора да биде направен без такви директни субвенции. Колку е тешко тоа, зборува и примерот на едно претпријатие за кар-шеринг (рент-а-кар од повеќе корисници), кое од повеќе од 4 илјади возила има само 625 на електричен погон. Ако едно возило го чини претпријатието по 400 евра дневно за амортизација, трошоци за паркинг и гориво, кај електромобилите толку чини само амортизацијата.

Нов систем за мобилност на иднината

Elektroauto

Владата и натаму отфрла државни премии за купување е-автомобили

Какви се’ погодности се можни за е-автомобилите, покажува примерот од холандскиот главен град Амстердам - таму класичните автомобили плаќаат по 5 евра на час за паркинг, а електричните не само што паркираат бесплатно, туку не плаќаат ниту за полнење на батериите со струја.

Слични концепти и за Германија бара Андреас Кни, научник и раководител на развојот на возниот парк на Германската железница - не само бесплатен паркинг, туку и севкупно поинакви рамковни услови за мобилност во иднина. Станува збор за нов систем, нова идеја за автомобилот; сите расположливи превозни средства треба да бидат меѓусебно мрежно поврзани како дел од јавниот сообраќај. Е-автомобилот може да биде алка во тој синџир на системска мрежно поврзана услуга.

Патот до таму е долг, а за е-автомобилот опасност да биде потиснат доаѓа и од значителните подобрувања на конкурентските видови на погон. Хенинг Кагерман нд НПЕ, напротив, смета дека е добро што се оптимираат моторите со внатрешно согорување, оти никмогаш не се мислело дека електромобилноста треба да биде единствена форма на мобилност, туку само средство за превоз на кракти патеки во севкупен концепт заедно со мотор за внатрешно соговрување, водородни горивни ќелии и алтернативни горива.