1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Веќе се прават комбинации за наследник на Вулф?

Неколку стотини демонстранти денеска (07.01) пред резиденцијата на германскиот претседател Кристијан Вулф во Берлин бараа негова оставка поради аферата околу кредитот за куќата и обвинувањата за притисок врз медиумите.

default

Демонстрации против Сојузниот претседател

На демонстрации во Берлин повика една берлинска иницијатива. На протестот под мото „На Вулф да му се покаже чевел - Shoe for you, Mr. President!“, според наводи на организаторите, здружението „creative lobby for future“, имало околу 400 луѓе, додека полицијата зборува за 450 демонстранти.

Во арапската култура, со фрлање чевел врз некого се демонстрира презир и лутина. Демонстрантите, кои не смееја да протестираат директно на тротоарот пред резиденцијата, туку мораа да застанат на другата страна од улицата, денеска не фрлаа, туку само ги држеа кренати во висина своите чевли. Освен тоа, тие имаа и плакати со натписи како „Вулф оди си дома“, или „Сојузните претседатели имаат куси нозе“, а се слушаа и извици од типот „Вулф мора да си оди“.

Инаку, во аферата околу кредитот за приватната куќа на Сојузниот претседател Кристијан Вулф, на виделина излегуваат се‘ повеќе обвинувања. Шефот на опозиционата СПД, Зигмар Габриел, за денешното издание на весникот „Билд“ првпат со остар тон вели: „Лошо е што Сојузниот претседател дозволи да дојде до тука. Целиот судир е недостоинствен.“ Габриел го обвинува Вулф дека ги поместил во погрешна насока мерките за искреност и веродостојност. „Касиерки во супермаркет се отпушаат од работа само поради тоа што в џеб ставиле купон за празна амбалажа, но Сојузниот претседател смета дека за него има вонредни правила“, вели лидерот на најголемата опозициона партија во Германија.

Нови обвинувања и комбинации за наследник

При купувањето на куќата, претседателот Вулф според информации на „Франкфуртер Рундшау“, кој пренесува изјави на шефот на фракцијата на Зелените во покраинскиот парламент во Долна Саксонија Штефан Венцел, не направил нотарски договор и не ги навел своите кредитори во катастарските книги.

Во меѓувреме, партиите на Унијата (ЦДУ и ЦСУ) и либералите (ФДП) го демантираа текстот на „Рајнише Пост“, во кој што се трвдид ека шефовите на

Proteste vor Schloss Bellevue in Berlin

Кренати чевли пред резиденцијата на Вулф во Берлин

владејачката коалиција веќе се усогласиле околу постапките во случај на оставка на Вулф. Според весникот, лидерот на ЦДУ Ангела Меркел, шефот на ЦСУ Хорст Зехофер и првиот човек на ФДП Филип Реслер не би му давале поддршка на Вулф повеќе, доколку се покаже дека не ја зборувал вистината. Притоа, се планира да биде предложен негов наследник кој „ќе биде прифатен и од страна на црвено-зелениот политички камп“. Петер Алтмајер, парламентарен раководител на пратеничката група на ЦДУ и ЦСУ за Дојландфунк изјави дека е тоа „чиста шпекулација“. И од раководните луѓе на ФДП ваквата информација на весникот се оценува како „чиста бесмислица“.

И покрај ваквите деманти од коалицијата, „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ попладнево (07.01), повикувајќи се на извори во раководството на либералите, пишува дека Меркел и вице-канцеларот Реслер се во контакт по прашањето на наследник на Вулф. Се вели дека „предлогот мора да биде таков што на СПД би и‘ паднало тешко да не даде поддршка“. Можни имиња што се вртат наводно се поранешниот министер за екологија Клаус Тепфер (ЦДУ) и претседателот на Бундестагот Норберт Ламерт (ЦДУ).

Stern.de“: Вулф навистина го молел „Билд“ за одлагање

Што се однесува до судирот на претседателот Вулф со весникот „Билд“ околу тоа дали во неговата порака што ја оставил на телефонскиот мејл бокс на главниот уредник на весникот Кај Дикман молел за одлагање на текстот за кредитот за куќа, или како што тврди „Билд“ сакал да спречи објавување на текстот, „Штерн.де“ излегува со информација дека Сојузниот претседател навистина барал одлагање додека не се врати од патувањето по земјите на Заливот.

„Штерн.де“ пишува и дека Вулф изрекол јасни закани и предложил заедничка средба откако ќе се врати од пат. „Потоа ќе решиме како сакаме да водиме војна“, рекол наводно Вулф, кој се заканил со судски процес и рекол дека неговите „адвокати добиле налог“. Освен тоа, претседателот, као што наведува „Штерн.де“ рекол и дека сака два дена откако ќе се врати од пат со сопругата Бетина да одржи прес-конференција на која ќе стане збор за методите на весникот „Билд“.

Инаку, весникот „Билд“ го замоли Вулф да ја објави неговата порака на телефонскиот мејл бокс на Дикман, но Сојузниот претседател тоа го одби.

Автор: Елизабета Милошевска Фиданоска / дапд/дв/дпа/афп/ртр

редактор: Симе Недевски

DW.COM

Поврзана содржина