1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Веќе ништо не е тајна - шпионскиот скандал стигна до Брисел

Скандалoт со прислушување на мобилниот телефон на канцеларката Меркел го засени самитот на ЕУ во Брисел. На политичарите им стана јасно - секој може да биде погоден, веќе ништо не е тајна. Недовербата кон САД расте.

Случајност или не? Германската канцеларка Ангела Меркел на самитот во Брисел допатува со државен автомобил со регистарски таблички „007“. 007 е впрочем знакот на распознавање во филмот за агентот Џејмс Бонд.

Самит во амтосфера на тајните служби - „самит на мобилен телефон“, наместо на економски теми, кои всушност беа предвидени за средбата на шефовите на држави или влади на ЕУ. На Меркел, која била шпионирана од тајната служба на САД, НСА, не и‘ беше до шегување. Меѓу пријатели не бидува прислушување, рече канцеларката во Брисел. „Довербата сега мора повторно да биде воспоставена“, рече Меркел на сметка на американската влада, која телефонски увери дека мобилниот телефон на канцеларката нема да биде прислушуван.

Дополнителна вознемиреност вчеравечер (24.10) внесе и објавата на британскиот весник „Гардијан“ кој има листа од 35 меѓународони врвни политичари, кои биле прислушувани од НСА. Холандскиот премиер Марк Руте вели дека тој не бил прислушуван: „Верувам дека е тоа така“. Претседателот на ЕП Мартин Шулц ги повика шефовите на држави или влади да ја одложат размената со САД на банкарски податоци, т.н. СВИФТ. Тој го побара ова уште во средата (23.10) во Парламентот на ЕУ. Шулц рече дека тој со застарена техника се штител од шпионските напади на тајните служби. „Јас не сум достапен за НСА. Мојот мобилен е еден од малкуте кои не можат да се прислушуваат. Технологијата потекнува уште од времето на г-дин Бел, пронаоѓачот на телефонот“. ЕУ-комесарката Вивиен Рединг рече дека сеедно дали стануза збор за канцаларката или за другите граѓани, прислушувањето мора да престане.

Меркел и Оланд бараат разјаснување

Francois Hollande und Angela Merkel Treffen

Оланд и Меркел протестираат против прислушувањата од НСА

Германската канцеларка Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд постигнаа согласност заеднички да се залагаат за расветлување на аферата. Другите ЕУ држави можат да се приклучат кон иницијативата. Заедничка осуда на шпионските активности на НСА од страна на целиот ЕУ-самит немаше, појасни претседателот на Советот на ЕУ Херман ван Ромпој. Меркел по средбата со претседателот релативно опуштено рече: „Заеднички да бидеме прислушувани, тоа не‘ обединува“. Оланд во понеделникот (21.10) протестираше против шпионирањето на милиони Французи од страна на НСА. „Во иднина мора да се сменат некои работи“, подвлече Меркел. Таа меѓутоа одби да се стопираат преговорите за слободна трговија со САД. На наредниот ЕУ-самит во декември, Меркел и Оланд треба да поднесат извештај за разговорите со американската влада. Целта е да се постигне еден вид договор за работата на тајните служби.

Финскиот министер за Европа, Александер Стуб, во разговор за ДВ меѓутоа предупреди да не се реагира премногу остро. Стуб рече дека на сите врвни политичари мора да им биде јасно дека би можеле да бидат прислушувани. Тој смета дека е малку од помош да се стави под знак прашање сообраќајот со податоци со САД, бидејќи во денешното дигитално општество е незаменлива размената на податоци и со американските претпријатија.

Дигиталната економија треба да го заживее пазарот на трудот

Neelie Kroes

ЕУ-комесарката нели Крос

Заштитата на податоците исто така е дел од „дигиталната агенда“, за која разговараа шефовите на држави или влади. ЕУ има намера значително да го унапредува секторот на брз интернет и претпријатија базирани на интернет мрежа. Во областа на дигиталното стопнаство има уште многу невмрежени шанси, за да се отворат работни места, рече одговорната ЕУ-комесарка Нели Крос за ДВ. Во последните години, само со развојот на апликациите за мобилни телефони во Европа, се создадени 300.000 работни места.

Крос се залага за создавање на внатрешен дигитален пазар до 2015 година, во кој нема да има роаминг за транспортот на податоци. „Не е нормално во ЕУ насекаде да имаме внатрешен пазар, само кај телекомуникациите - не“, критикува Крос. Претпријатијата би требало да можат да работат во сите 28 земји членки, без да мора да внимаваат на специјални национални прописи. Истовремено, мора да се внимава на заштита на податоците на потрошувачите. „Тука мора да се најде баланс“, вели Крос.

Италија бара поголема помош за бегалците

Enrico Letta Premierminister Italien

Премиерот на Италија Енрико Лета

Италијанскиот премиер Енрико Лета не сака да зборува само за скандалите со прислушување, туку за еден друг проблем со кој е соочена неговата земја. „Сакаме овој самит да се концентрира на тоа, како да се помогне при доселувањето и да се најдат одговори. Случајот Лампедуза не смее да се повтори. Тука имаме сосема јасна позиција“. Италија бара прераспределба на бегалците и барателите на азил на сите држави во ЕУ по принцип на систем на квоти. Лета, имено, сака да се укине одредбата со име „Даблин 2“, која предвидува барателите на азил да треба да останат во земјата во која првпат влегле во ЕУ.

Шансите за тоа, меѓутоа, не се многу поволни, дури и по трагичната смрт на 400 африкански бегалци на почетокот на октомври. Германија и други држави одбиваат олабавување на Даблин-правилата. Претседателот на ЕП Мартин Шулц од европските челници, пак, побара нова политика на доселување и повеќе можности за легална миграција. Од кругови на германската делагација се вели дека одлуки по ова прашање на овој самит не треба да се очекуваат.