1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Вељаноски и Џафери во Авганистан

Претседателот на македонскиот парламент Трајко Вељаноски и македонскиот министер за одбрана Талат Џафери имаа средба со македонските војници во Авганистан.

default

Македонски војници во Авганистан (архива, април 2012)

Првиот човек на Собрнаието, Трајко Вељаноски, им го честиташе празникот 11 Октомври на војниците и нагласи:

„Како претседател на Собрание каде што ги носиме одлуките за испраќање мисии овде, сакав да се уверам лично со состојбата овде и можам да искажам едно големо задоволство што нашите војници заедно со армиите на САД, на Велика Британија, на Италија и на сите други држави овде рамо до рамо придонесуваат за меѓународниот мир, за мирот овде во Авганистан и тоа е големо задоволство и моја гордост да припаѓам овде како Македонец заедно со нашите војници. Министерот за одбрана доби сознание за понатамошните активности што треба да бидат овде во Мисијата, ние како пратеници соодветно на тоа ќе реагираме откако ќе добиеме предлог од Владата во однос на Мисијата“, рече Вељаноски.

Министерот за одбрана Џафери ги поздрави македонските мировници и им порача дека тие, со сето она што го прикажуваат, ја креираат сликата за Армијата на Република Македонија, со што несомнено стануваат најдобрите амбасадори на Република Македонија во меѓународната заедница.

Џафери и Вељаноски, како што соопшти Министерството за одбрана, денеска во Кабул со заменик-командантот на силите, генералот-потполковник Џон Лоример и со најстариот цивилен претставник на НАТО во Авганистан, амбасадорот Мауриц Јохемс, разговараа за придонесот на Република Македонија во рамки на силите ИСАФ, како и можностите за иден придонес во рамки на мисијата на Алијансата по 2014 година, во поддршка на процесите за стабилизирање и демократизација на земјата.

Македонија во рамки на силите ИСАФ учествува со контингент од 155 лица распоредени на задачи за обезбедување на главната команда во Кабул, како и во состав на мешовитиот тим за обука. Првиот придонес на Македонија кон стабилноста и мирот во меѓународни рамки почна токму во рамки на силите ИСАФ и тоа во 2002 година, кога симболично беа испратени двајца офицери како дел од турскиот контингент. Досега, Република Македонија во мисијата во Авганистан учествувала со над 2.400 мировници, што, според глава на жител, е еден од најголемите придонеси во силите во Авганистан.