1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Вељановски верува во трајно решение за спорот за името

Парламентарната демократија во Македонија бележи нагорен тренд, оцени претседателот на македонското Собрание, Трајко Вељаноски по повод 20-годишнината од одржувањето на првата седница по првите повеќепартиски избори.

default

Трајко Вељановски

Вељаноски посочи дека во првите дваесет години независност, како константа останува определбата за полноправно членство на Македонија во ЕУ и НАТО.

„Определба за чија реализација имаме целосен политички консензус надополнет со исклучително високата поддршка од граѓаните. За жал, во овие дваесет години како единствена пречка во остварувањето на нашата определба за членство во ЕУ и НАТО е апсурдниот спор кој ни го наметна нашиот јужен сосед, а се однесува на нашето уставно име“, рече Вељановски.

Mazedonien, Fahne

Тој потсети на изгласувањето на декларацијата во 1992 година со која се одбиваат заклучоците од Лисабонскиот самит на државите членки на ЕУ, а со кои се бараше во името на земјава да се изостави зборот Македонија.

„Граѓаните на Македонија преживеале најразлични премрежја, окупации и најгруби обиди за негирање на сопствениот идентитет. Но токму тоа историско искуство ми дава за право да верувам дека и овојпат во процесот на преговорите кои сега се водат под покровителство на ОН ќе дојдеме до трајно и прифатливо решение, кое нема да задира во националниот, културниот и јазичниот идентитет на македонскиот народ“, нагласи Вељановски.

На пленарната седница одржана по повод јубилејот од плурализмот присуствуваа претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Никола Груевски, првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров, поранешни премиери, пратениците од првиот и актуелниот состав, како и други официјални претставници од сите сегменти на општествениот живот, првите луѓе на верските заедници и дипломатскиот кор.

Автор:БГ/ЖА/миа

Редактор: Борис Георгиевски

DW.COM