1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Вечна битка меѓу германските новинари и политичарите

Германија е шокирана по информациите за обидот на претседателот Вулф да спречи објавување на негативен извештај. Но битката за слободата на изразувањето во Германија се води секојдневно меѓу новинарите и политичарите.

default

Кристијан Вулф

„Кога песот ќе касне човек, тоа не е вест, туку обратното“, вели старата новинарска поговорка. Оттука, секојдневна обврска на новинарите е да ги натераат политичарите да одговорат на обврските. Но, кога шефот на германската држава ќе се закани дека ќе му објави „војна“ на најтиражниот весник во земјата, новинарските куќи со право се загрижени.

Овој скандал се случува речиси една деценија откако еден друг германски весник, левичарскиот „Тагесцајтунг“ отвори широка дебата за влијанието на политичарите врз медиумите.

Интервју без одговори

Во 2003 година репортерот на „Тагесцајтунг“, Јенс Кениг направи интервју со тогашниот генерален секретар на СПД Олаф Шолц. Прес-канцеларијата на Шолц побара авторизација на разговорот пред неговото објавување. Но, редакцијата на „Тагесцајтунг“ од канцеларијата на Шулц доби суштински редактирано интервју кое немаше врска со оригиналниот разговор. Затоа „Тагесцајтунг“ одлучи да протестира. Интервјуто беше објавено со прашањата од новинарот, но одговорите на политичарот беа затемнети. Медиумите ширум земјата информираа за случајот, а новинарите го поддржаа потегот. Но, според уредникот во „Зидојче цајтунг“ Ханс Лејендекер, иницијативата да му се застане на патот на политичкото самоволие ќе имаше шанса само доколку сите медиуми се обединеа во протестот.

„А таков сојуз во Германија нема да најдете“, вели Лејендекер.

Symbol Medien Freiheit

Тој објаснува дека за разлика од англискиот печат каде се почитува валидноста на кажаниот збор, во Германија се дозволува дури и промена на цитати, па дури и промена на самите прашања кои биле поставени во текот на разговорот.

Иако слободата на говорот е гарантирана со Уставот, Ханс Јоаким Фурман од Здружението на германските издавачи за Дојче веле објаснува дека недостасува транспарентност, особено во случаи на политички злоупотреби.

Влијанието на политиката

Уште една непријатна реалност се финансиските последици од известувањето за одредени теми. Непријатни финансиски извештаи можат да доведат и до тужби или повлекување на рекламите од лутите спонзори.

„Големите банки дури испраќаат и своите комуникациски експерти и адвокати во уредничките канцеларии“, вели Лејендекер.

Kai Diekmann

Каи Дикман, главен уредник на „Билд“

Во Берлин, еден од методите за влијание врз медиумите е исклучување од т.н. „брифинг кругови“- неформални средби на новинари и политичари.

Јенс Кениг, чие интервју во „Тагесцајтунг“ во 2003-та ја отвори дебатата, дел од проблемот го гледа и во блиските врски меѓу медиумските и политичките елити.

„’Билд’ најпрво го поддржуваше Вулф. Тој им нудеше фотографии и информации, и тоа го спаси од скандал кога се разведуваше од првата сопруга. Според мене, ваквиот тип соработки е многу попроблематичен“, вели Кениг. Според него, сега и не е толку проблематичен обидот на Вулф да запре објавување на негативна приказна за него, туку самиот факт што тој сметал дека може да влијае.

„Токму тука можете да ги забележите, најчесто тесните, врски меѓу врвните политичари и познатите новинари и главни уредници“, заклучува Кениг.

Автор: Јохана Шмелер/ Борис Георгиевски

Редактор: Александра Трајковска