1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Вечерва средба Милошоски-Бакојани

За два дена, две средби на македонскиот и грчкиот министер за надворешни работи во Париз. Вечерва (19.09.2008), во француската престолнина, Антонио Милошоски и Дора Бакојани ќе разговараат за името.

default

Антонио Милошоски и Дора Бакојани на една од нивните претходни средби

Првата средба на Антонио Милошоски и Дора Бакојани беше неформална, на маргините на самитот „ЕУ - Централна Азија“. Средбата била кратка, но ефикасна, велат дипломатски извори. Свесни за тежината со која се соочуваат двете страни, двајцата министри, Антонио Милошоски и Дора Бакојани најпрво се договориле за директни разговори идната недела во Њујорк, за време на 63-то заседание на Генералното собрание на ОН. На таа средба требаше да се разговара за деталите од последниот предлог-пакет на Нимиц, со цел да се приближат двете земји.

Но, очигледно работите се забрзаа. Двајцата министри се договорија да имаат средба уште во текот на денешниот ден, во француската престолнина. Веста дека вечерва ќе има средба во Париз, беше набрзо потврдена и од грчки и од македонски дипломатски извори. Според информациите кои ги добивме од грчки извори, средбата била на „инсистирање“ на американскиот Стејт Департмент, односно по барање на македонскиот министер, иако од двете страни таа се претставува како рутински состанок.

Средбата се случува во моментот кога се слушаат можности за замрзнување на преговорите по последниот пакет предлози од преговарачот Метју Нимиц, поради изборната година во двете земји.

Нема прогнози

Но, грчкиот печат смета дека продолжувањето на разговорите и нивното подигање на повисоко ниво се должи на САД, кои не ја кријат намерата да се затвори прашањето за името на Македонија, со цел земјата да се интегрира во НАТО, пред истекот на мандатот на претседателот Џорџ Буш. Никој не дава прогноза за исходот од денешната средба, но и двете страни имаат интерес да го затворат прашањето за името. Атина е под притисок на САД. Деновиве Чиле ја призна Македонија под уставното име, ООН и некои европски институции се интересираат за правото на непризнатото македонско малцинство во Грција. Но, од друга страна, решавањето на проблемот со името, за Македонија е важно во однос на нејзината евро-атлантска интеграција.

Не се очекуваат спектакуларни резултати

Средбата во Париз ќе биде директна меѓу двајцата министри без многу соработници и не се очекуваат некои спектакуларни резултати. Според некои шпекулации и очекувања, во европските институции, во Стразбур и Брисел не се исклучува можноста да биде најден компромис за името, уште во текот на есенва.

Пред средбата која ќе ја има со Милошоски, Бакојани имаше долг разговор и со нејзиниот француски колега, Бернар Кушнер, чија земја изрази најголемо разбирање за позицијата на Грција во однос на прашањето за името на Македонија.

Во грчко-француските разговори биле опфатени повеќе важни прашања. На прво место односите ЕУ – Турција, Кипар, прашањето со името на Македонија и заедничките иницијативи на Атина и Париз за генералното собрание на ООН. Односно учеството на Грција во инцијативата за контрола на морињата, проблемот со тајната имиграција и пиратството.

Bernard Koucher, Außenminister Frankreichs

Бернар Кушнер

По разговорите Бернар Кушнер истакна дека не постои ниту едно прашање за кое не се согласуваат двете земји. Се разбира, прашањето за Турција и проширувањето се сложени прашања.

Во однос на прашањето за името на Македонија, францускиот министер за надворешни работи нагласи: „Можам да речам дека ние ја поддржуваме Грција, бидејќи тоа ние веќе го имаме кажано. Но, ние исто така сакаме проблемот да биде решен и тоа колку што е можно побрзо, бидејќи нема да останеме блокирани на „БЈРМ“. Тоа и така веќе е предолго. Се надевам дека во периодот што доаѓа ќе најдеме решение за името“, заврши Кушнер по средбата со Бакојани.

DW.COM