1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Ветерот на промени“ стигна во арапските земји

Искрата на социјалните протести во Тунис се чини дека прескокнува и во соседните арапски земји. Дали по Тунис ќе следи Каиро, а по него можеби и Санаа или Дамаск?

default

Тоа што политичкиот пожар во арапските земји така брзо се шири од една во друга земја се должи на фактот што причините за протестот се слични, а исто така и неговите цели. Тој е насочен против моќните лидери, кои ги ставиле политиката и економијата на нивните земји во служба на сопствените цели и интереси. Тие се затвориле во потесни кругови, најчесто од семеен карактер, и притоа го имаат изгубено од вид народот на улица. Така можеше да им се случи да превидат дека економскиот подем на земјата носи плодови само за помал број луѓе, додека широките народни маси се се’ повеќе губитници од наводниот развој. Арапските властодршци веќе не ги знаат маките на своите сограѓани. А тие се многу едноставни: ќе имам ли денеска леб за јадење? Можам ли да најдам работа? Имам ли некаква животна перспектива?

Ute Schaeffer

Авторот на коментарот: Уте Шефер

Дали е Тунис нов Гдањск?

И покрај ваквата широка социјална основа на протестите, сепак Тунис не може да се окарактеризира како арапски Гдањск, односно место од каде што ќе дувне „ветерот на промени“, сличен на оние во Источна Европа пред 20 години. Ако поради ништо друго, тогаш оваа споредба не држи вода затоа што комунистичките земји од истокот на европскиот континент се наоѓаа под заедничка власт на политичкиот центар во Москва. Во арапските земји не постои таков центар на моќ, туку ситуацијата е многу хетерогена.

Од друга страна, мора да се каже дека има секако и такви сили, кои придонесуваат за хомогеноста на арапскиот простор, на пример панарапските медиуми, како што се Ал Џазира и Ал Арабија. Тие и сега играат важна улога како придвижувачи на демократскиот бран, бидејќи ги пренесуваат сликите за настаните во соседните земји. Поради нив не е можно арапските властодршци да воведат информативно ембарго во нивните земји, како што тоа барем донекаде е случај во африканските земји јужно од Сахара. Граѓанското општество, односно невладините организации, во арапските земји можеби немаат големо влијание врз политичките институции, но затоа преку социјалните мрежи на интернет можат да извршат големо влијание врз јавното мислење. Власта во Египет се обидува да ја смири состојбата преку државните медиуми, но тие веќе одамна ја имаат изгубено веродостојноста.

Широка база на протестите

И обидите на египетските и другите власти во регионот да ги смират протестите преку козметички мерки за поправање на социјалната состојба на широките народни маси се чини нема да вродат со плод. Тешко може да се поверува дека луѓето така лесно ќе се откажат од штотуку разбудената волја за политички промени. Проблемот е тоа што не станува збор за одредени професии или слоеви, туку во базата на движењето се најдоа студенти и интелектуалци, адвокати и учители, но исто така и селани од запуштената внатрешност. Од истата причина се чини помалку веројатна опцијата исламистичките кругови да ги искористат протестите за свои цели. Добитник од најновиот бран протести најверојатно ќе биде токму граѓанското општество и демократскиот процес во арапските земји. Некаде ќе има смена на владејачката елита, на друго место парламентот ќе добие поголема улога, на трето ќе се прошири спектарот политички партии.

А поуката за сите владетели од Минск до Хараре и од Триполи до Ашгабат е дека во глобалното село не може да се запрат и филтрираат информации. Што повеќе ќе сраснува светот, толку поголем ќе биде притисокот врз режимите да дозволат демократски пресврт!

Автор на коментарот: Уте Шефер

Превод: Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска