1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Вестервеле ја поддржува Турција

Шефот на германската дипломатија во Истанбул изрази поддршка за турската позиција во однос на случувањата во Сирија и се придружи кон критиките на властите во Дамаск.

Германија ја поддржува Турција во нејзината позиција кон Сирија, изјави германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле за време на разговорите со турскиот колега Ахмет Давутоглу во Истанбул. Министрите за надворешни работи на Германија и Турција вчера ги разгледаа инцидентите долж турско-сириската граница, последниот развој на настаните во Сирија, како и пресретнувањето на турските авиони ловци на сирискиот патнички авион во текот на оваа недела.

Вестервеле уште веднаш пред Давутоглу го изразил сочувството за загинувањето на петмината турски цивили, убиени при падот на турска територија на минофрлачката граната, истрелана од Сирија. Германскиот шеф на дипломатијата посочил дека Турција се однесувала разумно по инцидентот.

Давутоглу, пак, посочи дека Турција без двоумење ќе одговори доколку нејзината граница со Сирија повторно биде нарушена.

Официјален Дамаск, пак, денеска соопшти дека вовел забрана за прелет на турски патнички авиони преку својата територија, по инцидентот со пресретнувањето на сирискиот патнички авион од страна на турските власти. Турција соопшти дека нејзиниот воздушен простор ќе остане отворен за прелет на сириски патнички авиони.

Забраната од сириска страна доаѓа во пресрет на светиот муслимански празник Рамазан, кога илјадници аџии од Турција вообичаено заминуваат за Мека во Саудиска Арабија, а воздушната линија минува преку Сирија.