1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Вестервеле - со министерска сувереност

Немирите во арапските земји и кризата во Европа се тешки задачи за еден министер за надворешни работи. Особено ако е неискусен, а канцеларката силна. Како функцинира таа комбинација?

За Гидо Вестервеле преминувањето од опозициската клупа на чело на Министерството за надворешни работи беше триумфално достигнување. Тогашниот претседател на Слободната демократска партија (ФДП), кој порано беше често исмејуван, на својата партија на изборите во 2009 со речиси 15 отсто од гласовите и‘ обезбеди речиси неверојатен успех. Беше на врвот на својата моќ: министер за надворешни работи и вицеканцелар. Но, неговиот почеток во новиот ресор не почна лесно, бидејќи Вестервеле и понатаму се мешаше во внатрешната политика, а многу малку внимание обрна на надворешнополитичките прашања.

Поради притисокот на почетокот на април 2011. даде оставка како претседател на партијата и вицеканцелар. Тоа му овозможи да се посвети на своите задачи како шеф на дипломатијата. „Секој може да забележи дека и со душа и со тело е внесен во својата задача како шеф на дипломатијата“, го фали политичарот од Христијанско-демократската унија (ЦДУ), Рупрехт Поленц. Вестервеле е ангажиран и се обидува да ги оствари германските интереси во се` посилно поврзаната Европа. „Тој по убедување е мултилатерален, тоа значи дека не верува само во Германија. Тоа за мене е многу позитивно. Вестервеле во текот на мандатот видно напредуваше“.

Силна канцеларка-слаб министер за надворешни работи?

Тоа мислење го дели и политикологот Гунтер Хелман. „Вестервеле стана суверен министер за надворешни работи“, вели овој политиколог од Универзитетот во Франкфурт. „Тешко е за еден министер за надворешни работи да собира поени покрај една канцеларка која својата должност ја врши многу рутински“.

Deutschland Bundeskanzlerin Angela Merkel in Berlin

Канцеларката Меркел доминира во надворешната политика

Освен тоа, поради Лисабонскиот договор, многу надворешнополитички прашања се решаваат во канцеларијата на канцеларката. Меркел знае многу добро како може да ја искористи својата позиција и помалку пријатните задачи да ги префрли на министерот, вели Хелман. Тоа е јасно уште од случајот со донесувањето на одлука за Либија во 2011. Вестервеле остана воздржан за време на гласањето во Советот за безбедност на Обединетите Нации, околу воведувањето на зона за забрана на летови над оваа северноафриканска земја, исто како и Русија и Кина. Поради тоа беше критикуван од политичките противници. Но, всушност, како што вели Хелман, Меркел и министерот за одбрана Томас де Мезие имаа влијание на оваа одлука. Но тие се повлекоа и го пуштија само Вестервеле да ги трпи критиките поради одлуката. „Тоа беше вешт потез на канцеларката, а Вестервеле веќе неколку пати пропушти да изигра добар потег“, вели политикологот.

Критика на Вестервеле

Експертот за надворешна политика од Социјалдемократската партија(СПД) Ролф Мицених делумно се согласува со тврдењата на политикологот Хелман. И тој смета дека Вестервеле со текот на годините доста напредуваше. Но сега, на крајот на неговиот мандат, вели дека не може да каже на што го ставил тежиштето. Мицених тврди дека Вестервеле не успеа да го оствари надворешнополитичкиот концепт претставен во февруари 2012. Кина, Казахстан и Малезија ги прогласи за стратешки партнери, без оглед што во тие земји не се почитуваат човековите права и демократските вредности, критикува експертот од СПД. Истото важи и за неговата стратегија поврзана со Јужна Америка и Русија. Во Русија, Вестервеле пропушти да ја зајакне позицијата на поранешниот претседател Дмитриј Медведев, како и да го поддржи неговиот обид за создавање на нова безбедносна архитектура. „Особено не можам да прифатам тоа што воопшто не зазема став во критиките за извозот на оружје. Сметам дека министерот треба да има сосема поинаква улога, особено бидејќи вели дека се залага за надворешна политика, која се води според вредности“. Вестервеле настапи со ветување дека ќе се залага за разоружување, но неговото настојување губи на сила поради фактот што Германија се` повеќе извезува оружје за воените фронтови, посебно во земјите на Арапскиот полуостров.

Rolf Mützenich

Воздржана пофалба - Ролф Мицених

Доктрината на Меркел

Во јули 2011 година одлуката на германскиот Совет за национална безбедност за извоз на двесте тенкови во Саудиска Арабија предизвика негодувања. Непосредно пред тоа, во март 2011-та, саудиските трупи вмаршираа во Бахреин, за на крај да помогнат да се задуши бунтот против власта.

Одлуката да му се даде оружје на Ријад влегува во таканаречената „Доктрина на Меркел“. Според неа, Германија не праќа војници во кризни подрачја, туку им испраќа оружје на регионалните сили. Канцеларката оваа надворешнополитичка стратегија за прв пат ја појасни за време на говорот во фондацијата „Кербер“ во Хамбруг во октомври 2011. „Мораме на државите кои се подготвени за ангажман тоа да им го овозможиме. И јасно велам: тоа го вклучува и извозот на оружје“. Во октомври 2012-та Меркел прецизираше во еден говор пред припадниците на германската војска: „Кој се смета одговорен за осигурување на мирот, но не може секаде во светот да преземе активна улога, тој мора да помогне на веродостојните партнери, за тие да можат да преземат одредени задачи“.

Повеќе одговорност во светот?

Kampfpanzer Leopard 2 A4

Тенкови за Арапските пустини

Политичарот од СПД Ролф Мицених смета дека доктрината на Меркел е само програма која ја поддржува германската индустрија на оружје, која страда поради намалување на германската војска. Рупрехт Поленц, пак, не ја отфрла во целост можноста за потреба од извоз на оружје во Саудиска Арабија: „Не можеме да игнорираме дека Саудиска Арабија на граница со Јемен е соочена со закана“, вели тој. Освен тоа, Иран им помага на шиитските бунтовници во Саудиска Арабија, тоа не смее да се изгуби од вид, додава овој политичар на ЦДУ.

Тој ја отфрла критиката на медиумите дека Германија не се вклучува доволно во воените интервенции. Повеќе од 6.000 германски војници се стационирани во странство, вели Поленц. Ни политикологот Хелман не гледа дефицит: „Според моето мислење, политиката на Германија, како што моментално се дефинира со оглед на глобалната одговорност, е во согласност со улогата, историјата и можностите на Германија“.

Министерот за надворешна политика Вестервеле стои зад неинтервенирањето. „Воените операции не смеат да бидат вообичаен начин на водење на политика, тие мораат да бидат исклучок“, вели Вестервеле. Тој додава дека му е подраго да слуша критики дека добро одмерува и се колеба пред да ги испрати германските војници на воени операции, отколку да прима критики дека ги испратил лекомислено.