1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Вестервеле не шпекулира за Македонија и НАТО

Шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле, стравувајќи од шпекулации, за ДВ денеска не одговори јасно на прашањето-што ја чека Македонија во Чикаго? Карл Билт вели: во ЕУ треба да се разговара за Хашката пресуда.

Пред неполна седмица македонскиот министер за одбрана Фатмир Бесими од своите германски колеги во Берлин доби недвосмислена поддршка за аспирациите на Македонија во НАТО, при што беше изразена благодарност за ангажманот на војниците на АРМ во Авганистан и беше подвлечено дека земјата е „де факто полноправна членка”. Денеска (02.05), пак, седумнаесет дена пред самитот на НАТО во Чикаго, првиот човек на германската диипломатија Гидо Вестервеле изрази доза на воздржаност одговарајќи на прашање на Дојче веле: „Македонските војници со години се ангажирани во Авганистан, но земјата поради спорот со името е надвор од НАТО. Какви се шансите Македонија во Чикаго да го добие полноправно членство, и доколку тоа не се случи - до кога земјата ќе треба да чека?“:

„Прашањата за самитот на НАТО сигурно денес не можеме да ги одговориме. Фазата на подготовки е во тек. Тогаш кога Самитот доволно ќе биде подготвен, не само во кругот на министерот за надворешни работи, што веќе се случува, и во кругот на министерот за одбрана, каде работите веќе ги подготвивме, туку кога ќе бидеме во крајната фаза на подготовките ќе одговорам околу аспектите кои ги подвлековте и кои многу добро ги разбирам. Ќе биде прерано денес да одговорам, зашто секој одговор што би го дал би предизвикал интерпретации и шпекулации. А, тоа не го сакаме”, вели министерот Гидо Вестервеле.

Guido Westerwelle und Carl Bildt

Карл Билт (л.) и Гидо Вестервеле денеска во Берлин

За истото прашање својот став го кажа и министерот за надворешни работи на Шведска Карл Билт, кој престојуваше во Берлин.

„Ние сме блиски соработници, но не и членки на НАТО. Што значи, немаме глас за ова прашање. Но, дозволете да кажам дека ја имаме пресудата на Меѓународниот суд на правдата во случајот на Скопје и Атина. Мислам дека во некои точки за неа треба да се разговара во Европската унија и треба да се види какви последици би следувале од пресудата. Но, тоа нема да се случи утре, туку во некое идно време”, подвлече Карл Билт.

Наспроти воздржаноста околу НАТО и одлуките на Чикаго, министерот Вестервеле го истакна значењето на Балканот, подвлекувајќи:

„За иднината на Европа во моментов многу се говори. Она што се заборава е дека во Европа имаме многу повеќе да решаваме отколку што е тешката финансиска криза, или промените во заедничкиот пазар. Европа е далеку повеќе отколку економско прашање. Европа е на пример и прашањето - како пристапуваме и како ќе ги надминеме регионалните тешкотии кои ги имаме на нашиот континент. Длабоко европско прашање е дали Балканот мирно и добро ќе се развива или не. Затоа, ние Европејците треба за ова да се грижиме со голема енергија. И тоа и го правиме”, истакнува Вестервеле, дополнувајќи дека грижата за мирната иднина на Балканот е и европска одговорност. Во оваа смисла, пред престојните парламентарни претседателски избори во Србија Вестервеле ги повика Србите и Косовците на умерено однесување!