1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Весниците „умираат“ во Германија

Германскиот бизнис весник „Фајнаншл Тајмс Дојчланд“ денеска се прости од читателите. ФТД не е првата, а нема да биде ниту последната жртва на кризата на весниците во Германија

Германија- земја на весниците: момчиња кои уште од рани мугри разнесуваат весници до секоја врата. Семејства на кои утрото им почнува со појадок и весник.

Така беше со години. Весникот беше секојдневен придружник, информативен медиум број еден. Сега повеќе не е така.

Во последните 10 години печатените медиуми во Германија загубија речиси една четвртина од својата читачка публика (види графика). Тиражите продолжуваат да паѓаат.

Во септември годинава најстариот булеварски весник во Нирнберг „Абендцајтунг“ прогласи банкрот, неколку недели подоцна и еден од најпознатите либерални весници во земјата, „Франкфуртер Рундшау“.

Крајот на ФТД

Денеска (7 декември) беше испечатен и последниот број на Фајнаншл Тајмс Дојчланд. „Конечно во црно“ се пошегуваа издавачите на насловната страница на последниот број, алудирајќи на нетипичниот изглед на весникот, кој досега редовно излегуваше со розова боја. Од името на весникот без исфрлени неколку букви, па така последниот број носеше наслов „Фајнал тајмс“ (последен број). Издавачот одлучи да го затвори весникот по 12 години излегување на пазарот поради загуби во износ од 250 милиони евра. Околу 330 вработени ќе останат без работа.

Infografik Auflagenschwund bei Deutschlands Tageszeitungen

Инфографика за падот на тиражите на германските весници од 2002 година до денес

Како понатаму? Имаат ли весниците воопшто иднина во Германија?

„Мислам дека оваа бранша нема да изумре, но претстојат големи проблеми. Не очекувам дека весниците за 10 години ќе изгледаат како денес“, вели експертот за печатени медиуми Гинтер Рагер.

Како професор по новинарство, Рагер долго време ја истражува состојбата на пазарот. Тој во моментов е претплатен на три весници.

„Не ми изгледа дека во догледна иднина ќе се најде рецепт за успех, особено да се убедат младите луѓе да се претплаќаат на весници“, вели Рагер.

Младите луѓе на возраст од 14 до 29 години читаат весници многу помалку од постарите. Тие се’ повеќе се упатени на Интернетот, а што е најлошо за весниците, се’ повеќе натаму целат и компаниите со своите реклами.

Нема место за паника

Во германското здружение на издавачи на весници велат дека нема потреба од страв за иднината.

„Ние не знаеме како ќе изгледа иднината. Што се однесува до следните 10, 20, 30 години ние сме сигурни дека и тогаш се уште ќе се печатат весници“, вели портпаролката на здружението, Ања Паскај.

Porträt Anja Pasquay

Ања Паскај

Како еден можен модел за весникот на иднината, Паскај го дава следниот предлог: од една страна весници со скапи и добро обработени приказни за една мала елита, а од другата ефтини или дури и бесплатни весници со основни информации за оние кои се информираат наутро патувајќи со воз на работа.

Иако паралелно со падот на тиражите и згаснувањето на весниците расте и загриженоста за демократијата во земјата, Паскај ги отфрла таквите стравови. Во Германија во моментов има повеќе од 1.500 различни локални весници.
„Тоа е многу, премногу. И во споредба со другите земји тоа е бескрајно многу“, вели таа. Покрај локалните, низ земјата кружат и уште 330 периодични весници, како и 130 кои функционираат со комплетни редакции.

Германскиот пазар за весници е се уште најголемиот во Европа, и петтиот најголем во светот. Но, и покрај сето тоа, од година во година, тој се повеќе се намалува.