1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Весникот „Билд“ одбива да го „отпише“ грчкиот долг

Најпродаваниот германски весник „Билд“ соопшти дека се спротивставува на најавеното отпишување на грчкиот долг, за кој и самиот весник има платено.

„Билд“ вели „Не“ на барањето за отпис на грчкиот долг од страна на приватните инвеститори, согласно претходно постигнатиот договор меѓу властите во Атина и претставниците на меѓународните кредитори.

Минатата година беше постигнат договор, според кој, приватните кредитори треба да отпишат околу 70 отсто од долгот на Грција.

Весникот „Билд“, кој се фали со 3-милионска читателска публика во Германија и важи за најтиражен во Европа, во декември минатата година одлучил да купи грчки државни обврзници во вредност од 10 илјади евра по дисконтна цена од 4,815 евра.

Согласно договорот за отпис на грчкиот долг, „Билд“ сега треба да се согласи вредноста на грчките државни обврзници кои ги има во посед да падне на 3.000 евра.

Дури и да се земе предвид дисконтот кој го добивме при купувањето, компанијата се‘ уште би загубила околу 38 отсто од вредноста на овој имот, соопштија од весникот.

„Билд“ веќе подолго време остро ги критикува грчките, но и европските политичари, поради начинот на кој се санираат грчките долгови, а во последно време и активно се залага против кредитирање на грчката економија. Последниот таков пример беше барањето до германскиот парламент да го одбие ратификувањето на вториот пакет помош за Грција.

Кампања против Грција

Во последниов случај, весникот денеска (07.03) пишува дека всушност се работи за „измама“ и дека целиот договор е нереален.

„Тоа нема да и‘ помогне на Грција да застане на нозе“, тврди Билд. Притоа, весникот на крајот на текстот додава и „пост скриптум“:

Screenshot Presseschau Griechenland 19.01.2012

„Билд“ со месеци објавува текстови, коментари и фотомонтажи за грчката криза кои беа жестоко критикувани во Грција

„Доколку Билд направи каков било профит од грчките обврзници ќе ги донира за добра кауза“, заклучува весникот.

Весникот со месеци води своевидна кампања против Грција, објавувајќи серија текстови, коментари и фотомонтажи кои беа жестоко критикувани и во Грција, па дури се закануваа и да ги нарушат односите меѓу двете земји. Минатата година, во екот на грчката криза, „Билд“ дури испрати свои репортери во Атина кои на граѓаните им нудеа драхми со порака: „Еве ви ја назад вашата валута, престанете да си играте со нашата!“

И покрај релативно таблоидниот карактер, „Билд“ се смета за многу влијателен весник во Германија, а својата сила ја покажа и со аферата со, сега веќе, поранешниот претседател Кристијан Вулф. Билд го отвори скандалот со непријавените кредити на Вулф, и отворајќи афера по афера на други теми во врска со неговиот приватен и политички живот во следните месеци, го натера шефот на државата да си поднесе оставка.

Автор: Борис Георгиевски/афп

Редактор: Е.М. Фиданоска