1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Веројатно најтешка авионска катастрофа во историјата на Бразил - настрадаа околу 200 луѓе

Загинаа сите патници и чланови на екипажот, жртви има и во објектите во кои влета авионот. Спасувачките екипи проценуваат дека нема преживеани во необичната несреќа во Сао Паоло.

default

Ербас А 320 ( на фотографијата авион на германската компанија Кондор)

Авион Ербас А 320 на бразилската компанија ТАМ изутрината на слетување во Сао Паоло не успеа да закочи на влажната писта, продолжи преку автопат со фреквентен сообраќај, при што веројатно се судрил и со неколку автомобили, потоа влета во бензинска пумпа и на крајот во една деловна зграда. Авионот и повеќе објекти беа зафатени од пламен.

Авионот доаѓал од Порто Алегре, а во време на несреќата врнеше силен дожд. Експерти проценуваат дека пилотот, по неуспешно слетување, се обидел повторно да го крене авионот во воздух. Во авионот имало вкупно 176 луѓе – 155 патници, 15 соработници на компанијата ТАМ и шест членови на екипажот.

“Секако има околу 200 жртви” – оцени на лице место шефот на противпожарните екипи, оти загинати има и во објектите во кои удри авионот. Во спасувачката акција учествуваа околу 400 пожарникари, како и десетици лекари. По неколку часови, огнот е ставен во голема мера под контрола. Во пожарот се уништени зграда на воздухопловната компанија на која и’ припаѓа и во која влета настраданиот авион, како и уште една деловна зграда и неколку соседни куќи. Се слушнале и повеќе експлозии.

Аеродромот е затворен за сообраќај и не се исклучува тоа да потрае подолго време. Пред само неколку денови и друг авион излета од пистата при слетување и се запре во тревата пред заштитната ограда. На крајот на октомври 1996-та авион Фокер на истата компанија по полетувањето од истиот аеродром се урна врз населбата, при што загинаа 90 патници, шест членови на екипажот и три лица на земја.

Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва нареди тридневна жалост во земјата и вети истрага за катастрофата. Уште во текот на ноќта тој свика на итна кризна седница во главниот град Бразилија неколкумина министри.

Лани во септември Бразил ја доживеа најтешката авионска катастрофа кога еден авион на компанијата Ерлајн Гол над амазонската прашума се судри со помал приватен авион, при што загинаа сите 155 патници во големиот, додека малиот авион успеа да слета.