1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Веројатно најлош извештај за Македонија?

Македонската влада жали што Советот на ЕУ и овој пат не донесе одлука за почеток на пристапни преговори со Македонија. Познавачите исто така не се задоволни од исходот на состанокот на министрите во Брисел.

Заклучоците на европскиот совет се веројатно најлошите што Македонија ги добила од која било меѓународна институција во изминативе пет години, коментира за Дојче веле аналитичарот Стево Пендаровски. Освен затворање на прашањето со името, земјата јасно добила уште две обврски, за добрососедските односи со вклучена и Бугарија и напредок во претпристапниот дијалог. Ова според Пендаровски било очекувано со оглед на случувањата во изминативе два месеца и лошото менаџирање на дел од јавноста и дел од Владата кои даваа надежи дека земјата ќе добие датум за почеток на преговорите. Посебно во ДУИ каде беа поголеми оптимисти.

Ова според Пендаровски е обратно на принципите во дипломатијата: „Во однос на интеграциите на земјата сега сметам дека првата жртва ќе биде процесот што се води со посредство на медијаторот Метју Нимиц. По ваквите заклучоци можно е кај Владата да спласне ентузијазмот за натамошниот тек на процесот“, смета Пендаровски.

Поранешниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски пак смета дека и покрај зголемениот број на поддржувачи на Македонија во рамки на ЕУ, меѓу кои и влијателните и значајни земји и признанието за напоредокот во реформите дури и од оние земји кои немаат докрај добри намери, единствената пречка останува Грција на која што античкото минато заради домашната политика и е поважно од европската иднина на Македонија и на регионот:

„Иако декларативно ја најавуваа Агендата 2014, кога Грција претседава со ЕУ сепак на дела не успеваат да се надминат себеси и да излезат од заложништвото на промовираниот национализам кон македонското прашање, кој што беше создаден во почетокот на 90-те години на минатиот век“.

Mazedonien Außenminister Antonio Milososki zu Kosovo

Антонио Милошоски

Во однос на критериумот за добрососедските односи според Милошоски е потребно негово дополнително дефинирање: „Ние од Грција не сме слушнале кои се критериумите кои што треба да ги оценат добрососедските односи и дали соседот што е членка на ЕУ по автоматизам секогаш е добриот, а соседот што не е членка на ЕУ, лошиот сосед. Но сепак има добра можност со добра соработка со Европската комисија, Македонија и во наредниот период со реформите кои во секој случај ги спроведува, повторно да добие позитивен извештај и во првата половина на 2013, и тоа да биде уште еден аргумент повеќе. Се гледа дека Грција дава отпор за интеграциите на Македонија, но во секој случај она што не може да го направи е во рамки на ЕУ да ја симне Македонија од дневниот ред. Сепак за неа се дискутира и ќе се дискутира и има позитивни гледишта што се неспорни“, смета Милошоски.

Владата во Скопје го поздравува заклучокот дека проширувањето останува клучна политика на Европската унија, но истовремено и жали што Советот на ЕУ и овој пат не ја донел заслужената одлука за почеток на пристапни преговори со Македонија. Во писменото соопштение на министерството за надворешни работи се уважува фактот за залагањето на Советот да ја конкретизира перспективата за почеток на преговорите и се поздравува нагласената можност за донесување на одлуката за отворање на пристапните преговори во претстојниот период. Оттаму велат дека на одржувањето на добрососедските односи и изнаоѓањето решение под покровителство на ОН за наметнатиот билатерален спор за името со соседна Грција, Република Македонија отсекогаш посветувала и ќе продолжи да посветува суштинска важност и ангажман.

Поврзана содржина