1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Верниците на крстопат

Незаинтересираноста на верниците од Берлин го доведува во прашање и градењето на планираната црква, за која иaкo има амбиции нема пари, ниту пак, се чини, потенцијални посетители.

default

И малата капела - празна!

Ако се суди според посетеноста на малата капела на Осдорфер штрасе во Берлин, религијата и верата се’ помалку ги привлекуваат православните Македонци од Берлин. Се’ помал е бројот на оние кои присуствуваат на црковните служби. Затоа во прашање се доведени и плановите - крај малата капела која се изгради лани, да никне и голема црква. Зашто црквите се градат за верниците, а тука нивниот број е толкав што и во малата капела и за големите празници е - комотно.


„Црквичето е направено, ама посетата е слаба. За Св. Никола имаше дваесетина луѓе, а и другите денови е слабо. Луѓето веруваат, но никој не се изјаснува зошто не одат во црквата“, кажува резигнирано Стојмир Костадиновски, долгогодишнен поранешен претседател на црковната општина Свети Климент Охридски од Берлин.

Неслогата ја оддалечува и црквата

Дали религијата повеќе не ги влече Македонците или е друго во прашање - Стојмир Костадиновски вели дека не знае. Повеќемина православци со кои разговаравме, пак, сметаат дека слабата посета не е резултат на неверувањето. Вербата многумина ја носат во срцата и во динамичното секојдневие не чувствуваат потреба редовно да одат в црква. Други, посочуваат дека недоразбирањата меѓу луѓето во црковната општина ги одвраќа обичните верници од посетите на религиозните служби. Никој за ова не сакаше да говори пред микриофон, но Наташа сепак објаснува:

Makedonische ortodoxe Kirchgemeinde St. Kliment Ohridski Berlin

Многумина верата ја имаат во срцата, а не во црквата!


„Има луѓе што стварно веруваат и што би сакале да одат в црква. Не се сите исти, но има дел кои создаваат неред, па луѓето не сакаат да одат ниту в црква. Зашто се гледа кој колку ќе даде, кој како се крсти, како е облечен. Жално е  што има неслога во Берлин“, коментира Наташа, која една година била во црковниот одбор, но поради затегнатата ситуација, како вели го откажала ангажманот. Таа дополнува дека и луѓето се смениле. Вели нема слога, нема телефонирања, нема посети, што е многу лошо!

Расположение има, пари нема

Иако пред година православната младина од Берлин најави дека повеќе ќе се ангажира околу верските работи, засега големи поместувања нема. Професионалните и семејните обврски, трката по егзистенција не оставаат простор за особено практикување на верата која се сведува на кратки посети на капелата за големите празници и толку. Дури и финансиската поддршка на црковната општина е мала. Само триесеттина семејства доброволно плаќаат месечен придонес. Кој 5, кој 10 евра, а со тие приходи тешко дека ќе може да се изгради планираната црква. Друго прашање е: за кого таа би била?
„Гледам дека има расположение за градба на големата црква. Со оглед на малата посетеност, мислам дека и малата капела, ја задоволува духовната потреба на тукашните верници. Мое мислење е дека треба да се размисли дали да се фрлат големи средства за изградба на црквата. Но, тоа е одлука на црковната управа“, кажува и отец Огњан Атанасовски, според кого причината за малата посетеност е  отсуството редовен свештеник, што според неговото искуство не е единствен случај. Важно е верниците да се вратат во црквата, а доколку има спонзори и луѓе кои доброволно би се ангажирале, нема пречки црквата да не се изгради. Костадиновски, пак, иако е оптимист вели дека на крајот на јануари верниците јавно или со тајно гласање ќе мораат да кажат: дали ја сакаат големата црква или не!

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Александра Трајковска