1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Вердер се квалификува за Лигата на шампионите

Познати се и другите учесници кои низ квалификации влегоа во главната рунда на годинашната фудбалска Лига на шампионите, освен од дуелот АЕК – Севилја, во кој реваншот ќе се игра в понеделник

default

Двоен стрелец за Вердер во Загреб: Бразилецот Диего

Вердер по четврти пат последовно ќе учествува во Лигата на шампионите. Успехот го обезбеди со две победи против првакот на Хрватска Динамо - синоќа во Загреб со 3 спорема 2 и претходно во Бремен со 2 спрема 1. Синоќа на исполнетиот стадион Максимир германскиот тим постигна два гола од пенал – обата преку Бразилецот Диего. “Јасно, срцето посилно бие, но мора да се држиш под контрола. Сакав безусловно да ги реализирам обата и, за среќа, успеав да се држам под контрола, и покрај засиленото биење на срцето” – рече стрелецот Диего.

Тренерот Томас Шаф, разбирливо, беше задоволен од постигнувањето на тимот: “Мислам дека е посебен успех ако четири пати едноподруго успее скокот во Лигата на шампионите, со сите проблеми што ги имавме досега во оваа сезона. Огромен комплимент за тимот. Секое почитување за тоа како настапи денеска и што се’ спроведе на теренот”.

Со две победи за Лигата на шампионите се квалификуваа и Славија од Прага против Ајакс од Амстердам, Фенербахче од Истанбул во дуелите против Андерлехт од Брисел, Динамо Киев во средбите со Сараево. Исто толку убедливи беа и Валенсија, која го имаше за противник Борас Елфсборг, Арсенал во настапите против Спарта Прага, Розенборг Трондхајм против Тампере Јунајтед и Бенфика Лисабон во дуелите со Копенхаген.

Успехот во реванш-средбите им донесе пласман и на Бешикташ Истанбул, кој го имаше за противник Цирих, потоа на Шахтјор Доњецк кој играше против Салцбург, како и на Стеауа Букурешт во дуелите со Бате Борисов.

Најдраматично беше на средбите меѓу Селтик и Спартак – синоќешната во Глазгов заврши исто како и претходната во Москва со нерешен резултат од 1 спрема 1, ни продолжението не донесе промена, па со изведување на пенали Селтик се избори за настап во Лигата на шампионите.

Уште во вторникот пласман во Лиогата на шампионите обезбедија Глазгов Ренџерс, кој беше поуспешен од белградска Црвена Звезда, потоа Лацио Рим, подобриот во дуелите со Динамо Букурешт, и Ливерпул со две победи против францускиот претставник Тулуз.

Последниот учесник ќе биде познат в понеделник, кога во Атина ќе се одигра реваншот меѓу домашниот АЕК и шпанскиот претставник Севилја, која има предност од 2 спрема 0 од првата средба.

Поразените екипи од второто коло на квалификациите за Лигата на шампионите ќе се вклучат во Купот на УЕФА.

Зоран Јордановски