1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Вердер пропушти голема шанса за подвиг

Јувентус, Барселона и Вилјареал - први четвртфиналисти во Лигата на шампионите. Вечер Баерн му оди на реванш на Милан со само нерешен резултат од првиот дуел

Тим Визе по примениот втор гол

Тим Визе по примениот втор гол

Фудбалерите и навивачите, а особено голманот на Вердер Тим Визе долго ќе го памтат синоќешниот натпревар во Торино. Со голот на Мику веќе во 13-тата минута Вердер поведе против славниот Јувентус. Потоа успешно се бранеше од силниот притисок на домаќинот, при што посебно се истакна Визе со извонредни интервенции. Во 65-тата минута конечно беше совладан од Трезеге. И по израмнувањето иста слика. Се навестуваше сензација, оти Вердер имаше предност со оглед на победата со 3 спрема 2 од првиот натпревар во Бремен.

Околу 2200 навивачи веќе почнаа да го слават подвигот – предвреме, како што се покажа. Токму јунакот испадна и трагичар на средбата: Визе испушти топка што веќе ја имаше во рацете и Бразилецот Емерсон сепак му го отвори на Јувентус патот кон четвртфиналето. „Тоа може да ти се случи еднаш во кариерата - и тоа токму денеска, дотолку е полошо. Немам зборови“ – неутешен беше Тим Визе. „Ние денеска, во основа, веќе бевме една рунда понатаму, оти не само што одигравме добар натпревар во Бремен, туку и овде ја имавме под контрола играта во голем дел од средбата“ – оцени Клаус Алофс, менаџер на Вердер.

Барселона му се реваншира на Челзи за минатогодишната елиминација. Роналдињо ја доведе Барса во водство на 12 минути пред крајот, германскиот судија Маркус Мерк во последните моменти досуди сомнителен пенал за Челзи што го реализира Лемпард. Во првиот дуел шпанскиот тим победи во Лондон со 2 спрема 1.

Вилјареал дома одигра нерешено 1 спрема 1 со Глазгов Ренџерс, доволно за пласман по 2 спрема 2 во првата средба.

Денеска Арсенал го пречекува Реал Мадрид, а Олимпик Лион игра со ПСВ Ајндховен – домаќините имаат предност од по 1 спрема 0 остварена во првите дуели на гости. Ливерпул против Бенфика треба да го надомести минусот од Лисабон, каде беше поразен со 1 спрема 0.

На Баерн му претстои тешка задача на гости кај Милан и мора да постигне барем еден гол за да се најде меѓу осумте најдобри во најквалитетното клупско натпреварување во европскиот фудбал, по исходот од 1 спрема 1 постигнат во Минхен. „Не сакав таков резултат, но морам да се помирам со тоа. Резултатот сепак има една предност - дека со победа од 1 спрема 0 ние одиме понатаму“ – најде и нешто позитивно тренерот Феликс Магат.

Средбата Интер Ајакс ќе се одигра на 14-ти март, а извлекувањето на двојките за четвртфиналето на Лигата на шампионите е три дена подоцна.

Во одложениот првенствен натпревар од 24-тото коло на Бундеслигата Кајзерслаутерн и Штутгарт одиграа нерешено 1 спрема 1.