1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Вердер достоен шампион – со победа против Баерн предвремено ја обезбеди титулата

Дербито во Минхен беше настан кој стави во втор план се‘ друго во 32-то коло на Бундеслигата

Класниќ со шампионскиот трофеј

Класниќ со шампионскиот трофеј

Вердер докажа дека е вистински шампион: во Минхен го декласира единствениот конкурент и сега веќе екс-шампион Баерн со 3 спрема 1. “Она што денеска повторно го покажа тимот, е тоа што го демонстрираше во текот на целата сезона: дека е самоуверен, дека е силен и оти сосем јасно одеше кон целта, не дозволувајќи ништо да го попречи во тоа” – изјави по триумфот тренерот на Вердер, 42-годишниот Томас Шааф. Со титулата тој ја круниса континуираната 4-годишна работа во Бремен. Како играч, исто така во дресот на Вердер, ја почувствува шампионската радост веќе во 88-ма и 93-та.

Од таборот на Баерн во изминатата недела беше вршен психолошки притисок со оцени за наводна криза на формата на Вердер. Менаџерот Ули Хенес и капитенот Оливер Кан, чија капитална грешка им овозможи на гостите рано да поведат, по средбата ги избегнаа медиумите; за разлика од нив, тренерот на Баерн Отмар Хицфелд покажа фер-плеј: “Се разбира дека е големо разочарување што противникот токму кај нас стана првак, но тимот од Бремен го заслужи тоа. Одигра едно многу добро првенство, постојано беше во врвот. И денеска одиграа добар натпревар, играше многу мудро и со тоа и заслужено е германски првак”.

За Вердер ова е четврта титула, по оние во 1965-та, ‘88-ма и ‘93-та. Победата во Минхен беше 23-ет последовен натпревар на Вердер без пораз. Гарант за успехот во целото првенство пред се‘ беше нападот. Бразилецот Аилтон е како фабрика за голови – во Минхен го постигна 27-от во ова првенство, Хрватот Класниќ досега постигна 13. Тие се далеку најдобриот шпиц-тандем во лигата.

Голем удел во успехот има и спортскиот директор Клаус Алофс, кој од втор план ги влечеше конците. “Пред 5 години тимот речиси ќе испаднеше од лигата. Сите страхуваа од тонење по периодот на големи успеси. Но, во последните години работите полека одеа нагоре. Ова што сега го направивме – со титулата и со квалификацијата за Лигата на шампионите, се разбира, е огромен чекор. Ќе биде многу возбудливо во наредната сезона” – вели Алофс.

Во неа првакот ќе остане без најголемиот адут – голгетерот Аилтон, кој преоѓа во редовите на Шалке. Но Алофс веќе се погрижи за замена – репрезентативниот центарфор Мирослав Клозе доаѓа во Бремен. Аилтон направи погрешна калкулација – додека Вердер ќе игра во Лигата на шампионите, Шалке судејќи според се‘ нема да обезбеди настап на меѓународна сцена.