1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Вердер го подзапре Баерн, статус-кво на врвот

Нерешениот исход во дербито му оди во прилог на лидерот на фудбалската Бундеслига Шалке.

Од средбата Баерн - Вердер

Од средбата Баерн - Вердер

Баерн и Вердер влегоа во меѓусебниот дуел секој со своја сметка во борбата за титулата: домаќинот осоколен од шансата што му се укажа повторно да се врати “во игра”, Вердер по надминатата криза повторно во потера по лидерот Шалке. На крајот, само Шалке може да биде задоволен од нерешениот исход 1 спрема 1, по натпревар кој може да се означи како ревија на промашени шанси на домаќинот.

“Ние денеска во секој случај загубивме два бода. Сепак мислам дека игравме добро. Ова беше една од најдобрите, ако не и најдобра игра во сезонава, но од резултатот не можеме да бидеме задоволни” – рече репрезентативецот од редовите на Баерн Филип Лам. Тренерот на Вердер Томас Шаф призна дека среќата беше на страната на неговиот тим: “Фала Богу, сепак успеавме да постигнеме изедначувачки погодок. Имавме многу средби во кои игравме добро и на крајот останувавме со празни раце. Денеска освоивме еден бод и со тоа, сметам, можеме да бидеме задоволни”.

Дотолку повеќе што разликата во однос на водечкиот остана три бода, бидејќи и Шалке на гостувањето во Хановер одигра исто така нерешено 1 спрема 1 – и исто така со многу среќа. Занимливо е дека Шалке поведе веќе во 2-та минута, домаќинот изедначи во 4-тата! Халил Алтинтоп, стрелец на голот за Шалке, имаше само краток коментар за играта на својот тим: “Одамна не сум доживеал толку погрешни проигрувања, колку на овој натпревар. Но, во краен биланс си одиме дома со еден бод”. Во четирите последни првенствени средби Шалке освои само два бода.

Криза го зафаќа и Штутгарт – по минатонеделниот пораз на гостувањето во Леверкузен, сега ни дома не успеа да се рехабилитира – средбата со Волфсбург заврши 0 спрема 0, а можеше дури да биде и полошо, но резервниот голман Михаел Лангер достојно го замени заболениот репрезентативен чувар на голот Тимо Хилдебранд. Да биде малерот уште поголем за тренерот Армин Фе, тешко се повреди голгетерот Марио Гомез, кој подолго ќе отсуствува: “Марио отпаѓа за наредните шест недели и тој многу ќе ни недостасува. Тоа по малку ме потиштува. Инаку, со резултатот ќе се помирам некако”.

Зад водечкиот квартет на петта позиција останува Нирнберг, иако дома одигра само нерешено 2 спрема 2 со Анјтрахт од Франкфурт – за домаќинот загубениот бод не значи многу, за гостинот освоениот е од големо значење во борбата за опстанок.

На шесто место е Баер Леверкузен кој од Хамбург се врати непоразен – средбата заврши 0 спрема 0, а капитенот на Хамбургер Рафаел ван дер Варт не реализира пенал. “Во последните 5 средби четири пати победивме, еднаш игравме нерешено. Некој порано да ни го кажеше тоа, сите ќе бевме задоволни – а и сме задоволни. Штета е за овие 0 спрема 0, но одиме понатаму наредната недела” – вели ван дер Варт. Седми е Хановер, осмопласирана Херта.

Победата од 2 спрема 0 против Енерги Котбус ја однесе Алеманија од Ахен на 9-тата позиција – таа ги предводи загрозените тимови. Скок на 10-тото место направи Мајнц, откако дома ја совлада Арминија од Билефелд со 1 спрема 0.

Во борбата за опстанок нов момент е “будењето” на Борусија Менхенгладбах - по победата над Херта Берлин со 3 спрема 1, пак оживеаја надежите за спас. Токму поранешниот член на Херта Нандо Рафаел им ја запечати судбината на гостите со два погодока:

“Секој може од табелата да прочита: сега до спасоносното место заостануваме три бода. Секој мора вистински да се бори за Борусија за овој клуб да остане во првата лига” - рече Нандо Рафаел.

Некогашниот европски првак Борусија од Дортмунд е се’ позагрозена – ситуацијата е уште потешка по поразот на гости кај Бохуим со 2 спрема 0.

На табелата е последна Борусија (М) со 24 бодови, Арминија има 26, Ајнтрахт и Бохум по 27, Енерги, Борусија (Д) и Хамбургер по 28, Волфсбург 29, Мајнц и Арминија по 30 бодови. Возбудувања допрва претстојат.

  • Датум 12.03.2007
  • Автор Бенјамин Вуст / Зоран Јордановски
  • Печати Испечати ја страната
  • Пермалинк http://p.dw.com/p/AegS
  • Датум 12.03.2007
  • Автор Бенјамин Вуст / Зоран Јордановски
  • Печати Испечати ја страната
  • Пермалинк http://p.dw.com/p/AegS