1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Вербален дуел во Бундестагот

Кратко пред летната пауза, Бундестагот нуди сцена за врвните кандидати на партиите за претстојните избори. Дебатата за ЕУ-самитот канцеларката Меркел и Пер Штајнбрик од СПД ја искористија за вербална размена на удари.

Неколку часа пред почетокот на ЕУ-самитот во Брисел, канцеларката Ангела Меркел во владина изјава извлече позитивен биланс од својата работа. Германската влада покажа дека растот и консолидирањето на буџетот не се противречни, туку меѓусебно зависни:

„Ние ги можеме двете работи - развој и буџетско консолидирање“, изјави таа во борбениот говор. Според неа, ова може да се примени и во ЕУ, каде многу земји веќе направија големи напредоци во неопходните реформи. Овој пат треба да продолжи за Европа да излезе од криза: „Сакаме Европа од кризата да излезе посилна. Европа мора и ќе успее во тоа“, уверена е Меркел.

Подобра економска соработка

Шефицата на Христијанско-демократската унија пледираше за потесно усогласена економска политика на ЕУ-членките. Заедничка валута може да функционира само ако има соработка. Во таа насока Германија и Франција доставија предлози за кои ќе се разговара во октомври. Меркел зборуваше и за механизам на солидарност, но под точно определени услови. Владата се залага за тоа проблемите да се решаваат во корен, рече таа.

Bundestag Regierungserklärung Angela Merkel Peer Steinbrück 27.6.2013

Ангела Меркел

Меркел е загрижена од високата невработеност кај младите. Ним мора да им се обезбеди пристап кон европскиот пазар на работна сила и со тоа отворање шанси за иднината. ЕУ за оваа цел ќе оддели 6 милијарди евра, а идната недела во Берлин ќе биде одржан самит на оваа тема. Берлин притоа ќе ги изнесе своите искуства од минатото и од функционирањето на дуалниот образовен систем.

Невработеноста кај младите и политиката на штедење

Високата невработеност кај младите е директна последица на политиката на штедење, контрираше кандидатот на Социјалдемократската партија за канцелар, Пер Штајнбрик. Во 12 од 27 земји членки на ЕУ стапката е над 25 проценти за оние под 25 години, делумно дури и околу 50 насто. Затворениот круг од политика на штедење, пад на стопанскиот развој и високата невработеност е нескршлив.

„Единствено решение е ЕУ да даде пари за поддршка на економскиот раст и да ја преосмисли политиката на штедење“. За да се отворат нови работни места, според Штајнбрик, не се потребни 6, туку 20 милијарди евра. ЕУ мора во основа да ја преиспита политиката на штедењеи конечно да го поттикне растот. Социјалдемократот и‘ префрли на Меркел за наметнување ригорозни програми за штедење на земјите од јужна Европа, а самата дава изборни ветувања тешки милијарди евра:

„Објаснете им го тоа на Грците, на Шпанците, Италијанците, Португалците. Овде ветувате пари, а таму барате безусловно штедење“, извика тој огорчено.

И покрај високите приходи благодарение на даноците и осетното разлабавување на пазарот на труд, владата во Берлин во овој легислативен период направи 100 милијарди нови долгови, вкупниот долг порасна дури за 400 милијарди евра, рече Штајнбрик:

Bundestag Regierungserklärung Angela Merkel Peer Steinbrück 27.6.2013

Пер Штајнбрик

„Вие не знаете да ракувате со пари. Ако владеете во пустина, и песокот нема да ви стигне“, обвини Штајнбрик, жнеејќи аплауз кај своите сопартијци и кај Партијата на зелените.

Но, и СПД не останаа непоштедени во дебатата. Шефот на пратеничката група на Партијата на левите Грегор Гизи ги обвини социјалдемократите што цела легислатива ја поддржуваат политиката на владата:

„Вие не бевте опозиција. Само Левицата беше опозиција, Вие целосно ја заборавивте својата улога“.

Гизи потсети, СПД и Зелените помогнаа богатите и оние со подобра заработувачка во Германија да плаќаат помали даноци.