1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Венизелос: Мораме конечно да бидеме сериозни

Двата најголеми грчки синдикати почнуваат дводневен генерален штрајк. Причина за нивното незадоволство е пакетот-мерки за штедење, чие разгледување почна во грчкиот парламент, а треба да биде усвоен најдоцна до четврток.

default

Парламентот во Атина

Во грчкиот парламент синоќа почна дебатата околу спорниот пакет-мерки за штедење на новата влада на премиерот Јоргос Папандреу. Меѓу другото, програмата предвидува натамошни приватизирања, зголемување на даноците и социјални резови од вкупно 78 милијарди евра. Иако теоретски владата располага со парламентарно мнозинство, мора да смета на „предавници“ во сопствените редови. Новиот министер за финансии, Евангелос Венизелос, видно гневен, им се обрати на противниците на мерките за штедење: „Досега работиме несериозно, а тоа значи помалку пари за нашите граѓани, помалку раст и нула изгледи за иднината. Мора конечно да си дојдеме на себе и да бидеме сериозни!“

Griechenland / Papandreou / Parlament

Јоргос Папандреу

Денеска парламентот продолжува со дебатата, а конечното гласање треба да се одржи утре или најдоцна во четврток. Од неговото усвојување зависи дали ЕУ и ММФ ќе и` ја исплатат на Грција следната транша од кредитот, во висина од 12 милијарди евра. Доколку Атина не ги добие тие средства, ќе банкротира за само неколку недели. Затоа и премиерот Папандреу ги повика скептиците во сопствените редови: „Слушајте го она, што ви го кажува вашата душа и патриотската совест. Вашиот глас ’за’ е последната шанса што ја има земјата, за повторно да застане на нозе.“

Портпарол на евро-комесарот за монетарни прашања Оли Рен изјави дека одлуката за вториот пакет за Грција нема да се донесе во недела, како што беше претходно планирано, туку дури за две недели. Во меѓувреме се преговара со финансискиот сектор и опциите за негово учество во помошта за Атина.

Автор: Штефан Вурцел/ Трајче Тосев

Редактор: Александра Трајковска

DW.COM